Во Полошко денеска се промовирани проекти во вредност од 6 милиони евра. Во посета на општините Тетово и Гостивар денеска беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Во Брвеница направи увид на реконструираниот пат од Брвеница до Гостивар кој ги поврзува селата под Сува Гора, присуствуваше на поставување камен темелник на нова спортска сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“, а направи увид и на работите на зградата за социјални станови во Гостивар.
При крај се завршните работи на рехабилитација и реконструкција на регионалниот пат Тетово – Гостивар делница Брвеница – Чегране. Груевски направи увид на работите и се сретна со жители од неколку тетовски села од овој крај.
– Ова е регионалниот пат што оди од Брвеница до Чегране. Целата должина на оваа делница е 16 километри. Вкупната вредност е околу еден милион и 800 илјади евра. Патот е скоро секаде проширен, останаа уште три километри, но секаде е рехабилитиран. Сега има ширина од 5,5 метра. Остана уште овој мост (кај Брвеница). 98 проценти се завршени. Мостот е незавршен затоа што чекавме да се исуши бетонот и да го тргнеме шалувањето, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта најавувајќи завршување на мостот за околу две недели.
По завршувањето на работите на мостот целата должина на овој пат ќе биде обележана со сигнализација. Регионалниот пат ги поврзува селата Брвеница, Теново, Радиовце, Форино, Чегране, Гостивар и Чајле.
Кај селото Брвеница направена е и клучка. Едниот крак од клучката ставен е во употреба, а се очекува наскоро да биде завршен и вториот крак.
Директорот на државни патишта Александар Стојанов го информираше Груевски дека има проблем со имотно правните односи на вториот крак од Гостивар кон Брвеница и дека случајот е на Виш управен суд.
Државниот секретар од Министерството за транспорт и врски Божидар Петроски информираше дека во село Брвеница треба да се направи канализациска мрежа чија вредност изнесува 500 илјади евра од коишто 350 илјади евра се од буџетот, а останатите 150 илјади треба да ги обезбеди локалната самоуправа.
– Веќе проектот е цел готов, се правеше ажурирана подлога. Со градоначалникот треба да се договорме кои краци треба да се направат во рамки со буџетот што го имаме, рече Петроски.
Очекувањата се дека во вториот дел на наредната година би требало да биде завршена канализацијата во Брвеница. Жителите на Брвеница исто така побараа атмосферска канализација која во одредени делови во селото би спречила од евентуални поплави.
Груевски исто така денеска во Гостивар присуствуваше на ставање камен темелник на спортска сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“.
Дел од ова училиште се реконструира, а се гради и сосема нов дел. Се очекува работите во овој дел на училиштето да завршат до крајот на годината. Во него учат околу илјада ученици, а 300 се во подрачните одделенија на училиштето, ученици од македонска, албанска и турска етничка припадност.
Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта и директорот на ова училиште се заблагодарија за поддршката што ја добиле за изградба на ваква спортска сала во рамките на ова училиште.
Според директорот на училиштето, со изградбата на салата ова училиште ќе биде едно од најсовремените во градот.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука Елизабета Тодоровска информираше дека инвестицијата за изградба на спортската сала изнесува 40 милиони денари.
– Ова е од големите сали за тип А, 1.300 метри квадратни со трибини, со опрема за сите спортови – мал фудбал, кошарка, ракомет…Периодот за градба е минимум една година. Се очекува за 15 месеци да биде готова, рече Тодоровска.
Во тек е изградба на девет спортски сали во земјата, вклучувајќи ја и денешната, а како што кажа Тодоровска, планирано е до крајот на годината да биде почната изградбата на уште шест спортски сали во Скопје, во Дојран, во Виница, во Охрид и во Струга.
– Засега се готови 55 од кои 30 се спортски сали во средни училишта. Во Гостивар има уште една спортска сала, а пуштена е во употреба во 2013, рече Тодоровска.
Груевски денеска направи увид и на активностите на изградбата на објект Тоскалар со 70 станови за лица со социјален ризик и други групи.
Оваа е една од зградите коишто се планирани со програмата на Владата за лица со социјален ризик, социјално ранливи категории приматели на постојана парична помош и деца без родители.
Директорот на ЈП за станбен и деловен простор Цветко Грозданов информираше дека вакви станови во моментов се градат во Гостивар, Кочани и Македонски Брод. Оваа зграда во Гостивар, како што кажа тој, планирано е да се пушти во употреба во март 2018 година.
– Ние се наоѓаме некаде три до четири месеци пред динамиката и се надеваме дека порано ќе биде пуштена во употреба. Во Кочани исто така изградбата е десет месеци пред динимиката, а во Македонски Брод е во рокот. Во моментов во тек е примопредавањето или потпишувањето на договорите во други три општини каде Министерството за транспорт и врски го извлече жребувањето за станови за овие социјално ранливи категории, рече Грозданов.
Овие социјални згради за коишто се примопредаваат договорите се наоѓаат во Прилеп, Ресен и Демир Хисар.
– Во овие три градови веќе се завршени 119 станови и во тек е примопредавање на клучевите на добитниците. Во зградата во Гостивар и во другите два града ќе има 123 стана кои што ќе бидат предадени во текот на 2017 година, рече Грозданов.
На крајот на посетата на општините Тетово и Гостивар претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се сретна со жителите на гостиварската населба Циглана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски