| четврток, 6 декември 2018 |

Почесен докторат за Манчевски од најголемата филмска школа на светот

Најстарата и најголемата филмска школа на светот, московскиот ВГИК, го одликува македонскиот режисер Милчо Манчевски со почесен докторат, пренесува МИА.

Почесниот докторат го доделува Советот на универзитетот, а на Манчевски му ја врачи ректорот на ВГИК Вадимир Малешев.

ВГИК е единствен филмски универзитет на светот и една е од најреномираните филмски институции воопшто.  Формиран е во 1919 и е најстара филмска школа на светот.  Меѓу бројните педагози кои предавале на ВГИК е и основоположникот на современиот светски синеастички израз, Сергеј Ејзенштајн, а дипломци на школата се Андреј Тарковски, Сергеј Параџанов, Сергеј Бондарчук, Елем Климов…  На универзитетот студираат 2.000 студенти, а ВГИК има и сопствено филмско студио, комплетна опрема за продукција и постпродукција, лабораторија, па дури и свој студентски дом.

Минатата есен и оваа пролет Манчевски гостуваше на ВГИК со педагошко-продукциски проект што го финансираше американската влада. Во проектот беа вклучени сите факултети кои работат во рамки на филмскиот универзитет, а резулатите беа прикажани на завршна проекција на крајот на минатиот месец. Проектот доби огромен публицитет во руските и во светските медиуми, за него опширно јавија ТВ каналот „Култура“, „Москва тајмс“, „Русија тудеј“, „Холивуд репортер“.

Одлуката за доделување на Почесниот докторат ја донесе Наставничкиот совет на ВГИК, а информирани се и руското Министерство за култура и македонската амбасада во Москва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top