Во дополнителната програма на Охридско лето, српската рок-група „Ван Гог“ ќе го прослави својот јубилеј – 30 години дел од балканската музичка сцена.
Уште од нивното основање, тие постојано се наши гости, но македонската публика секогаш ги дочекува со ист жар. Во Охрид, на 1 август, „Ван Гог“ ќе го промовира својот нов албум, но и ќе ги испее сите песни, кои никако да ни здодеат.
Водачот на групата Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле вели дека за секој настап во Македонија постои посебна возбуда.
Не ви е ни прв, се надеваме, ни последен пат како доаѓате во Охрид, но концерт во Долни Сарај е, сепак, нешто поинакво. Што очекувате од ова место и од концертот?
Ѓуле: Секогаш е голема чест да настапиме во Македонија, а посебно се радуваме што нашиот концерт во Охрид на 1 август ќе се одржи на автентичен простор како што е Долни Сарај. Таму премиерно ќе ги испееме песните од новиот албум „Ako stanemo gubimo sve“, а посетителите ќе се забавуваат и со старите хитови. Драго ни е што во Охрид заедно со публиката ќе го обележиме големиот македонски празник Илинден. Впрочем, овој наш концерт во Охрид е и најава за почетокот на нашата турнеја низ Македонија насловена како „Лице в лице“.
Често сте во Македонија. Што правите прво кога ќе дојдете?
Ѓуле: Убаво е чувството кога доаѓаш во Македонија, земја каде што си добредојден и весело пречекан. Тоа што го правиме прво е дишеме длабоко, а потоа традиционално си наздравуваме со жолта ракија и со ритамот на нашиот ноти и стихови си посакуваме ветар во едрата.
Tриесет години кариера, а уште таа иста енергија на сцената. Задоволни сте со тоа што го постигнавте за ова време? Што да очекуваме следните 30?
Ѓуле: Нас нѐ води инстинктот низ целиот овој период од долгогодишна музичка кариера. Работиме со цело срце за сите овие 30 години да бидеме водени од емоциите и енергијата што произлегуваат од магијата на музиката што ја создаваме. Очекуваме следната 2017 година да имаме една поинаква креативност, така што, дефинитивно, ќе почнеме со нова стилска музичка неизвесна авантура во следните нови 30 години.
Се чувствувате ли малку како дон Кихот, вие и вашиот рокенрол против цел тој турбофолк?
Ѓуле: Не, не, каков дон Кихот, не се бориме против никого, а во никој случај против таа вештачка творба. Едноставно, имаме полно срце за достоинствено и исправено да чекориме со нашата музика, иако, за волја на вистината, во овие времиња културата во музиката не е на завидно ниво. Но, ние тука сме 30 години и сме поминале многу турбуленции низ музичката култура. Научивме дека најважно од сѐ е да се трудите и да си посветите внимание на својот музичкиот вкус што ќе го консумира армијата на млади и на средни генерации, препознавајќи ја симболиката и пораката што ја испраќаме преку нашите песни.
Стравувате ли дека во (блиска) иднина веќе нема ни да има публика за овој вид музика?
Ѓуле: Не стравуваме од никого, освен од Бога, да не ни се налути на нас, овде на земјата. Од каде ви е идејата дека нема да имаме публика за овој вид музика?! Внимавајте, загубено е тоа од кое ние сме се откажале, а ние нема да го сториме тоа, туку, напротив, ќе се вложуваме постојано и повеќе во нашата музика.
Кој македонски музичар со задоволство го слушате?
Ѓуле: Имаме големо почитување кон сите наши колеги од Македонија и кон другите музички големи имиња на овие простори.
Песната „Andjele moj brate“ има и своја македонска верзија. Лесно е да се пее на македонски? Дали е јазик што убаво звучи во песните?
Ѓуле: Пораката на песната „Andjele moj brate“ е со универзална порака, полна со емоции и моќ што одлично се чувствува енергијата на секој јазик. Би ни бил голем предизвик и чест истата таа песна да ја отпееме на македонски јазик.
Вашиот последен албум излезе во април. На што работите во овој момент?
Ѓуле: Моментно патуваме низ цел Балкан каде што имаме богата летна концертна сезона и работиме на новите песни што ќе го одбележат другото полувреме на нашето музичкото патување во наредните 30 години.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 204. број на неделникот „Република“, 29.07.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.