Во рамките на музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ во Охрид започна да функционира музејскиот културен центар „Лапидариум“, кој во изминатиот период со средства на Министерството за култура беше целосно обновен.
Музејскиот простор кој е опремен со современи елементи ќе служи како центар за презентација и продажба на информативен и стручен публикуван музејски материјал, како и за презентација на значајни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, сакрално-уметнички и други видови експонати кои ќе им бидат достапни на домашните и странски посетители.
Во музејскиот центар се презентирани и епиграфски споменици и други оригинални мермерни артефакти, а архитектонскиот изглед на објектот е целосно вклопен во околниот музејски простор со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи кои припаѓаат на античкиот и ранохристијанскиот период.
Музејскиот културен центар располага со можности за видео проекции за презентација на документарни филмови за културното наследство на Република Македонија, како и можности за организирање на културни настани, изложби под ведро небо, камерни или драмски претстави, монодрами, рецитали и други активности.
Целта на обновата на Лапидариумот, кој се реализираше преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, е вклучување на институциите во насока на развој на културниот туризам, анимирање на музејскиот простор како и збогатување на туристичката понуда на Охрид и презентација на културното наследство пред домашната и странската јавност.
Исто така, со поддршка на Министерството за култура во изминатиот период целосно беше обновен и потпорниот ѕид над Куќата на Робевци со што целосно се ревитализираше просторот околу Куќата на Робевци во Охрид, за што беа издвоени 14 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.