Екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“, која од 10 до 26 јули беше во валандовско-дојранскиот регион, со проекциите во Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули) го заврши годинашното синеастичко патешествие и веќе почна да го подготвува седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 20 до 26 август во Скопје.
Во текот на Патувачкото кино екипата на „МакеДокс“ беше сместена во манастирот „Свети Ѓорѓи“, кој се наоѓа на падините на планината Плавуш, веднаш над градот Валандово. Црквата е подигната во средниот век, во турско време прераснала во манастир со стотина монаси, а во големиот земјотрес што го зафатил тој крај во 1931 година била срушена. Неимарите повторно ја подигнале и во денешно време служи за религиозен живот, но и за одмор и релаксација на жителите од околните населени места. Во последниве 20-тина години за црквата и за манастирот се грижат дедо Симо и баба Гроздена, кои беа многу љубезни домаќини на екипата на „МакеДокс“. Во текот на нивното опстојување во манастирот е обновена црквата, насликани се нови фрески, а изградени се и неколку нови придружни објекти во манастирскиот круг.
Трите последни проекции од седмото Патувачко кино се случија во Валандово, Богданци и во селото Фурка. Филмското платно во Валандово беше оптегнато во близина на градското шеталиште, а беа прикажани повеќе кратки документарни филмови од архивата на Кинотеката на Македонија, како „Свилената буба“, по која е познат овој крај, „Патот на јагулите“, животописот на браќата Манаки, но и понови продукции, како документарниот филм „Сребрена песна“ за филиграните на дизајнерката Марија Милошевска.
Во Богданци, Патувачкото кино на „МакеДокс“ го отвори Културното лето, што во овој град со различни содржини трае од 23 јули до 3 септември. Паркот пред Домот на култура, и истовремено Градска библиотека „Бранд Петрушев“, беше одлична локација за прикажување на филмовите „Живот во движење“ и „Синема комунисто“. Раководителот на Домот на културата Марјан Карастојанов нѐ потсети на основањето на библиотеката, што се случило веднаш по ослободувањето во 1945 година, со фонд на книги што ги подариле Олга и Кирил Петрушеви во чест на својот син Бранд Петрушев, кој загинал во демонстрации во Белград на почетокот на Втората светска војна.
Библиотеката денес е значајно културно средиште на Богданци. Околу филмскиот живот во градот, Илија Тумбов, раководител на некогашното кино „Просвета“ ни потврди дека во Богданци имало голем интерес за филмската уметност, но за жал, денес киното веќе не постои, а останати се само ѕидините од летната тераса каде се собирале богданчани. Во обновениот Дом на културата „Бранд Петрушев“ се планира во најскоро време да се набави проектор со кој филмскиот живот би можел да се врати во градот.
Селото Фурка изненадува со својот урбан живот. Мештаните велат дека секогаш било напредно село, дека нема ниту еден невработен, а имаат и своја пошта, амбуланта, школо, црква. Во Фурка главно се занимаваат со лозарство, производство во оранжерии, со текстилна конфекција, а изненадува фактот што има и педесетина возачи на камиони со интернационална етикета. „Народот е тука, се обновуваат куќите, се склопуваат бракови, има деца за во школото“, потенцира Васил Танев, кој од Скопје се вратил својот пензионерски живот да го продолжи во Фурка. Крајот на Патувачкото кино беше проследен со проекцијата на филмовите „Музички дијалог“, „На точак“ и „Анплагд“.
Седмото издание на Патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Следува седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје, кој ќе се одржи од 20 до 26 август 2016 година во Скопје, со мото „Сите сме приказна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“