Со кинење на дипломите дел од дипломците на училиштето „Јахја Кемал“ во Македонија неодамна ја демонстрираа својата поддршка за власта во Турција кој токму основните и средните училишта под овој бренд во земјава ги посочи дека се финансирани од Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвини дека стои зад неуспешниот државен удар. На овој начин Турција, не само во Македонија, туку во целиот балкански регион тргна во пресметка со противниците на претседателот Реџеп Таип Ердоган, именувајќи училишта, граѓански организации, приватни бизниси, дека се финансирани од, како што ја именуваат тие, Терористичката организација на Фетулах – ФЕТО, пренесува ТВ Алфа.
Во Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија турските власти, како што објави турската државна агенција „Анадолија“, именуваа 40 образовни институции дека се финансирани од организацијата на Ѓулен, меѓу кои и седум во земјава.
На списокот на турските власти кои се наводно поврзани и финансирани од ФЕТО во Македонија, освен основните и среди училишта „Јахја Кемал “ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Струмица, се и едно јазично училиште, една туристичка агенција, една транспортна компанија, ланец маркети, неделен весник, една фондација, тинк-тенк група, како и компании и еснафи кои функционираат во рамки на стопанските комори во земјава.
-Од „Јахја Кемал“ негираат каква и да е поврзаност со организацијата на Фетулах Ѓулен, наведувајќи дека се македонска компанија со приватен капитал, која веќе 20 години работи во земјава.Според информациите кои ги објави „Анадолија’, најсилно влијание организацијата на Ѓулен – ФЕТО има во Босна и Херцеговина и Албанија, каде наводно финансира 17 училишта и универзитети, а најмало во Србија и Црна Гора – известува Алфа.
Инаку Турција упати барање до балканските држави за затворање на училиштата, а од дел од земјите има побарано да достават и листи на поддржувачи на Ѓулен. Властите во Анкара отидоа дотаму што побараа од Косово затворска казна за новинар поради пост на интернет во кој тој дал поддршка за превратот, што беше одбиено до властите во Приштина.
Во Скопје пак вчера поддржувачите на актуелната власт во Турција, организираа митинг за поддршка на Ердоган. На митингот на кој присуствуваше турскиот амбасадор во Македонија, како и министрите во владата на Македонија, Неџдет Мустафа и Фуркан Чако, претседателот на сојузот на невладини ирганизации „Матуситеб“, Тахсин Ибрахим, од говорницата побара пучистите да бидат изведени пред лицето на правдата велејќи дека „предавниците дејствуваат и во Македонија“ и дека тие треба да бидат отстранети од тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.