| четврток, 6 декември 2018 |

Алармантно: Само 20 отсто од македонските мајки ги дојат своите бебиња

Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство, истакна дека за доењето со години наназад се работи во Република Македонија, но на денешната панел-дискусија заклучиле дека треба многу повеќе да се направи бидејќи ако 61 процент од мајките пред неколку години доеле, сега тој процент е 20 до 21. Посочи дека предложиле многу активности што ќе ги преземат во иднина со цел да ги поттикнат мајките да дојат

Доењето, особено во првите шест месеци на новороденчето, е многу значајно за неговиот правилен пораст и развој. Програмата за мајки и за деца, која секоја секоја година ја објавува Министерството за здравство содржи активности во насока на едукација на патронажните сестри, здравствените работници од областа на доењето, со цел уште повеќе да се подигне нивното знаење за доењето и да ги мотивираат кога одат на терен, да ги едуцираат и охрабрат мајките да дојат.

Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во пресрет на одбележувањето на Светската недела на доење (од 1 до 7 август) под мотото „Доењето – клучно за одржливиот развој“.

Претседателот на Комитетот за доење при Министерството за здравство, Бранкица Младеновиќ рече дека како прва активност во нивна организација денеска се одржала панел дискусија на која учествувале претставници од повеќе институции и невладини организации кои разговарале за тоа што е направено досега во рамки на унапредување и заштита на доењето и што Министерството во партнерство со сите останати актери на ова поле може да придонесат натаму во унапредување и заштита на доењето во Република Македонија.

Јованка Костовска, државен советник во Министерството за здравство, истакна дека за доењето со години наназад се работи во Република Македонија, но на денешната панел дискусија заклучиле дека треба многу повеќе да се направи, бидејќи ако 61 процент од мајките пред неколку години доеле, сега тој процент е 20 до 21. Посочи дека предложиле многу активности кои ќе ги преземат во иднина со цел да ги потикнат мајките да дојат.

Потсети на повеќе активности кои Министерството за здравство со поддршка на УНИЦЕФ ги презело: промена на законската регулатива каде се имплементира кодот за забрана, рекламирање на вештачките млека, забрана на примарните донации, спонзорства од фирмите кои ги произведуваат со цел да се промовира доењето и непотребно да не се промовираат вештачките млека, освен во ситуации кога тоа е медицински индицирано.

– Со Законот за работни односи се дозволи на породените мајки час и половина да имаат пауза за доење на своето дете со цел да се промовира доењето кај мајките. На Клиниката за гинекологија и акушерство се отвори лактариум за измолзување на породените мајки и давање млеко на нивните деца посебно кај оние кои мора подолго време да престојуваат на Клиниката, а Детската клиника веќе е во фаза на создавање таков лактариум, рече Костовска.

Потенцира дека пред неколку години ја вовеле повторно мајчината книшка, а во нејзини рамки и брошура за здрава бременост која секоја бремена жена ја добива и во која покрај совети за начин на исхрана и прегледи кои таа треба да ги направи кај матичниот гинеколог, постои и дел за доење.

– Кога ќе се породи бремената жена во родилиштата повторно се дава брошура т.н. Совети за новите родители каде има совети за породената мајка, за исхрана на новороденчето, раст и развој, а поголем дел и за доење, начин на доење, техники на доење. Светската недела на доењето се одбележува четири години наназад со брошури, постери, подигнување на јавната свест, работилници…, додаде Костовска.

Директорот на Клиниката за детски болести и претседателот на Здружението на педијатри на Република Македонија, Аспазија Софијанова рече дека доењето претставува уникатна, единствена и никогаш непотворлива симбиоза меѓу мајката и детето.

Посочи дека на панел дискусијата се договориле да одржат работилница на која ќе разговараат на сите нивоа не само од лекарски, сестрински аспект, туку и од аспект на родители и од аспект на тоа како и на кој начин да остане мајката секогаш со своето бебе, знаејќи, како што рече, дека е бесплатно доењето, дека е најквалитетно и она што го дава во првата година на растот и развојот е непотворливо.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека ја одбележуваат Светската недела на доење со изготвување на едукативен материјал во вид на флаери и постери кој ќе дистрибуира во родилиштата.

– Патронажната служба во 2015 година извршила 27.170 посети кај новороденчиња и доенчиња од кои 16.780 се само кај новороденчиња. Тоа е возраст на новородено од раѓање до 28 ден. Според Правилникот за работа во овој период се задожителни две посети. Доколку има индикации и потреба посетите се почести, а наредните посети се на третиот, шестиот и деветтиот месец, рече Баевска Вучковиќ.

Нагласи дека во пресрет на Светската недела на доење, Здравствен дом Скопје изработи анализа на примерок од 410 доенчиња на возраст до шест месеци.

– Според резултатите, до трети месец 231 доенче било на ексклузивно доење (56 проценти), а до шестиот месец 179 доенчиња (44 проценти). Овие бројки не охрабруваат, но за да имаме подобар преглед на состанокот на Комитетот за доење излеговме со став дека од одбележувањето на Светската недела на доење цела година ќе правиме анализа, истражување преку пополнување анкетен лист од страна на патронажните сестри, бидејќи тие се први кои имаат контакт со мајката и новороденото по напуштање на родилиштето. Ќе се пополнува прашалник и ќе добиеме точна евиденција за она што располагаме, истакна Баевска Вучковиќ.

Додаде дека во однос на причините за прекин на доењето е утврдено дека во најголем процент тоа е поради тоа што мајката нема доволно млеко (47 проценти), морала да почне предвреме со работа (5 проценти), а останатите причини се болест кај мајката, доенчето, близнаци, прематуритет (14 проценти)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top