| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски за гасификацијата: Во август и во септември почнуваат да се градат уште три нови делници

gruevski-gasifikacija-640x358

Гасификацијата е одличен проект на кој долго работевме во смисла на негова подготовка, преговори и конечно минатата година успеа да се затвори сѐ, да се затворат сите отворени прашања и да се започна градбата, вели денес во изјава за ТВ Нова претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој присуствуваше на настанот по повод завршувањето со изградба на магистрален гасовод Делница Клечовце – Блок станица 5, во непосредна близина на Штип.

-Во јуни минатата година почна градбата на овој гасовод долг 61 километар кој чини 75 милиони долари, од кои 15 ги обезбедува Република Македонија од буџетот, а околу 60 се обезбедени со пребивање на клириншкиот долг  од Русија. Се радувам што ова се завршува, ова е дел од нашиот план за гасификација на Македонија. Оваа траса од Клечовце до Штип веќе следниот месец ќе биде продолжена со траса која ќе доаѓа од тука, од Штип, па до Кавадарци. Веќе во септември започнува продолжение од Кавадарци до Прилеп и Битола. И уште еден гасовод кој исто така започнува да се гради во септември од Скопје кон Тетово и Гостивар.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека вкупната должина на овие гасоводи е околу 210 километри и ќе чинат околу 90 милиони евра.

-Станува збор за една сериозна операција која долго време ја подготвувавме, а сега веќе се изведува што ќе помогне за добивање на една енергетска сигурност на долг рок, намалување на цените, еколошка предност во однос на користење на други енергенси – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за ТВ Нова.

Додека се гради, истакна Груевски, има голем ефект и за градежните компании.

-Градбата на овој гасовод од Клечовце до Штип имаше ангажирано 400 работници и најголем дел од работите беа изведувани од македонски компании како подизведувачи на главниот изведувач. Има економски бенефит и додека се гради, а уште поголем економски бенефит кога ќе заврши градбата и кога ќе почне да се користи гасот – посочи тој.

Инаку, во тек се и подготовки за секундарна гасификација, што значи од овој примарен гасовод делови да одат во градовите.

-Овие подготовки се во самиот финиш, очекувам некаде во септември да се објави огласот за источна и за западна Македонија. За скопскиот регион веќе е објавен. Оној приватен субјект кој ќе го земе оваа концесија, ќе ги изгради овие приклучоци и внатре во градовите, директно до куќите, становите, индустриските капацитети и ќе стопанисува со нив одреден број на години –  објасни Груевски.

Според него, долгорочно ова е многу исплатлива и значајна операција за граѓаните и Република Македонија, како и за енергетската стабилност во иднина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top