| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола почнува Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“

Со фолклорно дефиле по Широк сокак и со традиционалното оро „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ – Битола вечерва почнува 46. издание на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

На фестивалската сцена во Битола годинава ќе настапат околу 100 фолкористи од 30 македонски културно-уметнички друштва и фолклорни групи, а ќе гостуваат и пет ансамбли од Мексико, Северен Кипар, Шпанија, Бугарија и од Турција.

Според програмата, во првата фестивалска вечер ќе настапат КУД „Дримкол“-Вевчани, „Русалии“ од Секирник, ЗКУ „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, КУД „Панче Пешев“ – Куманово, фолкорните ансамбли „Цветови“ од Дедино и „Плетенка“ од Битола, ДФА „Китка“ – Истибања и гостите од странство „Лагунтасуна“ од Баракалдо, Шпанија, „Таскопру“ од Кастамону, Турција и атрактивниот ансамбл „Срцето на Халиско“ од Гвадалахара, Мексико.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат повеќе придружни манифестации како што се „Ехо од дамарите“, „Напладне в чаршија“, „Ревија на народни носии“ и други.

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top