Република Македонија има силно изградена професионална структура во рамки на МВР, која на дневна основа комуницира со партнерски служби во регионот и пошироко, разменување многу информации и тоа само по себе е гаранција дека навремено би превенирале, ефективно би одговориле на евентуални терористички закани.
Ова е одговорот од министерот за внатрешни работи Митко Чавков на новинарско прашање за тоа дали Република Македонија може да биде цел на терористички напади и дали сме подготвени да одговориме односно да превенираме.
– Има реални можности за евентуален терористички напад, за тоа не треба посебна експертиза, едноставно треба да се водиме од индикаторите кои постојат. Ние досега сме покажале високи професионални капацитети во справување со терористички-насилни групи и ефективно сме се справиле со нив, нагласи Чавков, по денешната промоција на 24-те нови возила донација за Граничната полиција од меѓународната организација за миграции.
Според него, останува потребата од мобилизација на целото општество во рамки на Нацоналната стратегија за превенција од и борба против теоризам. Состојбите во Европа и пошироко, истакна, упатуваат на тоа дека нема простор за теоретско елаборирање на овие проблеми и за импровизација, туку треба конкретно и фактичко подготвување за евентуален терористички напад, бидејќи се многу реални.
– Имаме случаи во минатото кои биле на линија на насилен екстремизам, на тероризам, а јавноста била навремено информирана за тоа и за сите ефективни одговори кои сме ги дале како полиција. Имаме судски постапки и завршени судски постапки за терористички напади во РМ. Ланската година е процесуиран случај за странски борци, учесници во Сирија и други кризни жаришта во светот. Оваа година има продолжување на „Ќелија 1 и 2“, во кои беа зафатени уште неколку поединци кои биле во Сирија и се вратиле, лица кои давале поддршка во делот на регрутирање на странски борци. Сите тие случаи укажуваат дека е реална заканата од поединец или од група и во РМ, но овие закани не секогаш се предвидливи, тие се променливи и сложени закани и не секогаш можете да ги предвидете навремено – појасни министерот Чавков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.