Индијана пејсерс и Оклахома тандер имаат предност од 1-0 во победи во полуфиналните серии од плејофот во НБА, откако ги надиграа Њујорк, односно Мемфис.
Во нова пресметка на големите ривали на Истокот од НБА, многу важна победа од 102-95, во „Медисон Сквер Гарден“ забележаа гостите од Индијана. Ди-џеј Огустин беше изненадувањето од клупата на Пејсерс со 16 поени, и 4 погодени тројки од 5 обиди. Индијана одигра извонредна одбрана, против најдобриот стрелец од регуларниот дел Кармело Ентони. Популарниот Мело постигна 27 поени, најмногу на натпреварот, но имаше очајни 28 посто реализација, со 10 погодени удари од 28 обиди. И вториот офанзивен адут на Њујорк, Џеј Ар Смит, се мачеше. И тој шутираше слабо со удар од поле 4/15, а го заврши мечот со 17 поени.
Освен со одбрана, Индијана го доби првиот дуел и со подобар скок. Гостите имаа 44 скока, наспроти само 30, на домашниот тим. Покрај Огустин, одлично одиграа и Дејвид Вест со 20 поени, Пол Џорџ со поен помалку и центарот Рој Хиберт, кој даде 14 поени, комбинирани со 8 скока и 5 рампи. Со победата, Индијана ја анулира предноста на Њујорк од меч повеќе на свој терен.
Таков луксуз не дозволи Оклахома, победи со 93-91, иако Мемфис беше на чекор до подвиг. Гостите водеа со 9 поени разлика, пред стартот на последниот период, но се разигра Кевин Дурент. Одигра импресивно и со 35 поени и 15 скока, беше нерешлива енигма за една од најдобрите одбрани во Лигата. Мемфис е тим што игра цврста кошарка, водеше во три четвртини од натпреварот, но немаше решение за Дурент. Гостите имаа шанса да израмнат, на 2 секунди до крајот при резултат 93-90 за Оклахома, Пондекстер имаше три слободни фрлања, но погоди само едно. Со тоа заврши серијата од 4 победи на Мемфис, остварени во првата рунда против Лос Анџелес клиперс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


