Француското Јавно обвинителство доцна синоќа соопшти дека покренало обвиненија против пет лица поради вмешаност во нападот во Ница, при кој осомничен исламист со камион влета во толпа луѓе убивајќи 84 лица.
Тројца од нив формално се обвинети дека се соучесници во „убиство извршено од група поврзана со терористи“, додека останатите двајца се товарат за „крешење на законот за поседување оружје и за членство во терористичка група“.
Обвинувањата уследија откако вчера попладне парискиот јавен обвинител Франсоа Молен соопшити дека Тунижанецот, кој го изврши нападот на шеталиштето во Ница, имал соучесници и дека акцијата ја планирал повеќе месеци.
Обвинителството, кое е надлежно за антитерористичка истрага, соопшти дека во притвор се наоѓаат пет лица, за кои постои сомнеж дека му помагале на 31-годишниот Мохамед Лахуајџ Булел да го изврши нападот.
Молен нагласи дека четворица мажи и една жена биле „вклучени во подготовките“ на нападот, кој е планиран повеќе месеци, како и дека еден од нив го снимал местото на злосторството еден ден по нападот, иако таму се наоѓале голем број полицајци и новинари.
Полицијата при проверката на мобилниот телефон на Булел открила интернет пребарувања и фотографии кои укажуваат дека тој го планирал нападот уште од 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.