Завршија археолошките истражувања на локалитетот Китино кале кај Кичево, проект поддржан во Програмата за заштита на културното наследство на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура.
Во текот на изминатиот месец на локалитетот Китино кале беа извршени сондажни археолошки истражувања со цел одредување на границите, контактните зони, стратиграфијата и карактерот на локалитетот. За време на истражувањата, во кои учествуваа археолози од Археолошкиот музеј на Македонија и од Институтот за старословенска култура – Прилеп, вработени во Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево, како и студенти и постдипломци по археологија, беа откриени културни слоеви коишто датираат од бронзеното време сè до турското средновековие, со посебен акцент на живеењето на овој простор во доцната антика, развиениот и доцниот среден век. На локалитетот се откриени многубројни наоди на садова и кујнска керамика, накит, алатки, делови од коњска опрема, византиски и венецијански монети. Според одредени наоди вградени во средновековни објекти, постојат индикации за постоење на ранохристијанска базилика во близина.
Според архитектонските остатоци, техниката на градење и наодите, тврдината е подигната во текот на 6 век како кастел каде што се вршела контрола на патните правци што минуваат низ Кичевската Котлина. Обновена е во 11 век како византиски кастрон, време кога градот Кичево за првпат се споменува во пишаните извори. Во 13 и 14 век век градот доживеал подем. По турските освојувања и администрирањето на тврдината, таа имала само улога на касарна, а цивилното население се населило во рамницата, на просторот на денешниот град Кичево.
Носител на проектот за археолошки истражувања на локалитетот Китино кале – Кичево, кој за прв пат се спроведе во 2015 година, е НУ Археолошки музеј на Македонија, а е координиран од Управата за заштита на културното наследство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.