По неуспешниот државен удар во петокот ноќта во Турција во тек е „чистење“ на „антидржавните елементи“, односно луѓето за кои власта на Реџеп Таип Ердоган смета дека биле идеолози на пучот или се поврзани со него на каков било начин.
Уапсени се 103 генерали, неколку илјади војници, суспендирани се преку 8.000 полицајци и околу 2.700 судии, суспендирани се сите декани на универзитетите како и 15.200 вработени во образованието. Јасно е дека Ердоган ништо нема да препушти на случајноста.
Но, малку недостигало работите да тргнат во друга насока, пишува дописникот на „Гардијан“ од Анкара Карем Шашен.
Иако многу аналитичари и коментатори сметаат дека пучот бил аматерски организиран, големи државни функционери сметаат дека пучот скоро и да успеал.
Шашен ја отвора својата приказна со скоро неверојатна сцена која се случувала во просториите на владата во Анкара, два и пол месеци пред ударот. Во една конфренциска соба биле собрани девет министри кои биле уверени дека таа ноќ ќе умрат.
– Пучистите веројатно ќе успеат и ние ноќва ќе умреме. Да бидеме подготвени дека ќе станеме маченици во оваа битка – изјавил еден од нив.
Министрите го отпуштиле личниот персонал и обезбедувањето, бидејќи не биле сигурни кому можат да му веруваат. Кој можел зел оружје. Сите чекале.
Кога на државата телевзија ТРТ беше прочитан прогласот на пучистите, кабинетот потполно занемел, се додека некој не се пошегувал и рекол дека тоа е само државна телевизија „и така не ја гледаме и кога е се во ред“.
Но, во тој момент дефинитивно не било во ред.
Се почна доцна попладне во петок, кога министерот за внатрешни работи заедно со други високи чиновници е повикан на состанок во седиштетот на воениот врв кој требал да се одржи во 17 часот. Се разбира, тоа било замка, за да се задржи на тоа место. Но, министерот не стасал на состанокот, бил зафатен со други обврски. Кога подоцна сфатил што се случува, направил кризен штаб на аеродромот во Анкара, заштитен од маса цивили кои се противеле на пучот.
Полошо од него поминал првиот разузнувач кој отишол на состанокот, но подоцна е најден со врзани раце и со куршум во чело.
Во 21 часот Мехмет Дисли издал наредба во која и официјално почнал пучот и ги испратил специјалните сили да ги уапсат високите лица во војската. Тенковите тргнаа на улиците на Анкара, еден час подоцна беа затворени двата моста преку Босфор во Истанбул.
Во кабинетот на премиерот Бинали Јилдирим немо ги следеа настаните и во почетокот не беа сигурни за што станува збор. Пред 23 часот веќе беа сигурни дека станува збор за вистински државен удар и го информирале премиерот кој бил во Истанбул.
Пучистите го сакаа Ердоган, кој се наоѓал на одмор во Мармарис. Кога тој и неговата придружба сфатиле што се случува брзо побегнале од хотелот и се качиле на авион. Само 20 минути потоа околу 25 војници-пучисти дошле до хотелот со хеликоптер со намера да го уапсат претседателот.
Но, дури и во авионот Ердоган не бил сигурен. Неговото летало го лоцирале два ловци Ф-16, но единствена причина зошто не пукале е што пилотот на авионот на претседателот излажал дека се работи за авион на „Туркиш ерлајнс“ и со тоа им ги спасил животите на сите во авионот.
Психолошки работите се сменија кога Ердоган се обрати на нацијата и ги повика граѓаните да излезат на улица во одбрана на демократијата.
Луѓето почнаа да излегуваат, а на повикот на Ердоган се јави и министерот за религиски прашања кои ги повика имамите да излезат и да прогласат „Господ е голем“!
Втората голема грешка на пучистите е нивниот напад на парламентот. Во државата во која имало неколку обиди за пуч, никој од 1920 година не го нападнал парламентот, што го натера народот да се крене против пучистите.
Околу четири часот наутро пучот бил скоро завршен и тогаш почнаа апсењата.
Советникот на премиерот Камалетин Хашими вака ја опиша целата ситуација.
– Тоа беа клучни моменти. Пучот беше неверојатно добро организиран, но брзата одлука на водството на нашата држава и нашите граѓани го сменија цел план. Но, пучот можеше да успее. Се загубија кога се јави претседателот, кога високите воени лица преку медиумите изразија поддршка за демократијата и кога луѓето го одбија повикот на пучистите да заминат дома – изјави Хашими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.