| четврток, 6 декември 2018 |

Античкиот театар и сцената кај Долни Сарај ќе добијат монтажен покрив

Античкиот театар и сцената кај Долни Сарај ќе добијат монтажен покрив, јавува „ТВМ“. Овие две отворени сцени кои се многу значајни за два реномирани фестивали, а тоа се „Охридско лето“ и „Балкански фестивал“ на ваков начин ќе станат многу пофункционални, вели Елизабета Јанкуловска, директорката на Националната установа, Фестивалот „Охридско лето“. Таа објаснува дека монтажниот покрив е многу практичен од повеќе аспекти. Пред се тој може да се поставува и вади кога е потребно, не го нарушува видикот и автентичноста на просторот. Оваа идеа постои од поодамна, но по се изгледа ова лето ќе се реализира, додава Јанкуловска.

Со монтажниот покрив се добива и на квалитетот на звукот бидејќи дел од техничката опрема ќе може да се прикачи таму, објаснува директорката на „Охридско лето“. Тоа пред се ќе е случај со сцената кај Долни Сарај бидејќи е специфична по многу нешта.
На сцената на Долни Сарај во текот на овој месец ќе се интервенира и од страна на Центарот за култура, „Григор Прличев“. Директорката Драгана Боцевска вели дека од нивна страна ќе се санира подот, соблекувалните и пристапот до сцената. Целта на овие зафати е да се овозможат што подобри услови на учесниците на „Балканскиот фестивал“ кој се одржува на почетокот на јули. Овој фестивал кој има петдецениска традиција е под покровителство на Центарот за култура и секогаш се одржува на оваа отворена летна сцена. Со овие интервенции и интервенциите од страна на Фестивалот „Охридско лето“ со поставувањето на монтажниот покрив Долни Сарај ќе биде сцена на која ќе посакуваат да застанат врвни уметниции, вели Боцевска.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top