| четврток, 6 декември 2018 |

По 14 години: Откриен тајниот документ за поврзаноста на Саудиска Арабија со нападите од 11 септември

11.09.2001

По 14 години чувани во тајност, јавноста конечно го доби на увид документот познат под името „28 страници“ – извештај направен по барање на американскиот Конгрес по терористичкиот напад во САД на 11 септември 2001 година.

Документот изнесува сомнежи за вмешаност на владата на Саудиска Арабија, но без оглед на тоа Белата куќа и по објавувањето на документите остана на ставот дека информациите од извештајот не докажуваат ништо.

Сепак, документот беше долго очекуван во јавноста.

Додека престојувале во САД некои од киднаперите на авионите биле во контакт со поединци, можеби поврзани со саудиската влада, пишува во воведниот дел на документот, кој понатаму открива информација дека ФБИ верувал дека барем двајца меѓу напаѓачите биле агенти на саудиската разузнавачка служба.
Со име и презиме се споменуваат неколку личности како Омар ал-Бајуми, за кој е речено дека давал логистичка и финансиска помош на Навах ал Хазми и на Калид ал Мидхар, киднапери на авионот кој се заби во зградата на Пентагон.
Вакви поврзаности со Саудијците има повеќе во документот, па така се споменува и Аби Забајдах, човек кој се товари дека бил високопозициониран припадник на Ал Каеда, во чиј именик е најден број од компанија поврзана со некогашниот саудиски амбасадор во САД Бандар бил Султан.

Сите овие информации не ја менуваат проценката на американската влада дека едноставно нема докази дека саудиската влада ја финансирала Ал Каеда, вели портпаролот на Белата куќа Џон Ернест.

Првите реакции од објавата на документот укажува на тоа дека многу не сакаат да поверуваат во тоа дека Саудијците се чисти, односно дека 19-те напаѓачи меѓу кои и 15 Саудијци немале никаква поддршка од оваа арапска земја.

Документот го направил таен поранешниот американски претседател Џорџ Буш , наводно поради две причини- да ги скрие методите на тајните служби и да не ги наруши односите со Саудиска Арабија, која е близок американски сојузник, пишува Бостон Глоуб.
Администрацијата на Обама го објави документот на барање на семејствата на жртвите и на нивните адвокати односно по притисокот на одредени американски политичари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top