Од 10 до 12 мај Скопје ќе биде домаќин на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ќе се одржува на тема „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.
Со Третата светска конференција ќе бидат одбележани три јубилеи на значајни настани: 1700 години од добивањето слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир.
Во рамки на конференцијата ќе се одржи и Форум за млади, на тема „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“. Поттеми на Форумот се: Социјалните мрежи, младите и духовноста; Улогата на младинските невладини организации во создавањето вредносни системи кај младите; Практики и искуства за работа со млади во мултирелигиозни, мултиетничкии и мултикултурни средини. На Форумот ќе учествуваат претставници од трите генерации на Школата за млади лидери која се организира под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Владата на Република Македонија го поддржа организирањето на Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите која, почнувајќи од 2007 година, се одржува на секои три години во организација на Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и со верските заедници во Република Македонија, како и со Министерството за надворешни работи. За разлика од првите две верски конференции кои се одржаа во Охрид, домаќин на годинашната е Скопје.
Организирањето на Светската конференција во Македонија е продолжување на хуманата визија на покојниот претседател Борис Трајковски, кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализираше првиот Регионален самит на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во 2003 година во Охрид.
Како и претходните две, Третата светска конференција ќе се реализира во рамки на Глобалната агенда на Обединетите нации и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и финансиски ќе биде поддржана од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.