Луис Назаро де Лима или попознат само како Роналдо засекогаш ќе остане запаметен како еден од најдобрите фудбалери кои некогаш се појавиле во фудбалот, но во многу наврати досега фудбалските фанови се прашуваа како каталонскиот гигант Барселона дозволи да го загуби популарниот „Ел Феномено“ по само една година мината на „Камп Ноу“.
Роналдо имаше спектакуларна прва сезона во Каталонија во која на 37 натпревари постигна дури 34 голови, но сепак неочекувано во летниот преоден рок ја промени средината и го засили Интер од Милано. Овој трансфер отсекогаш будел посебни нејаснотии за тоа зошто Роналдо одлучи да ја напушти Барселона по само 12 месеци, но сега со искрена изјава на оваа тема излезе поранешниот агент на фудбалерот, кој инаку го застапуваше и во моментите кога се пресели на „Џузепе Меаца“.
Џовани Бранчини во изјава за „калчомеркато“ ја обелодени цела вистина за случајот „Роналдо“, потенцирајќи дека тој си заминал од Барселона само поради тоа што одговорните луѓе предводени од тогашниот претседател Нуњез не го испочитувале договорот.
– Роналдо немаше никаква намера да си замине од Барселона, се чувствуваше навистина комфорно во овој град. Имаше фантастична прва сезона и стана светски познат на само 20 години. Во преговорите да се обнови неговиот договор и да се подобрат условите, некако ја убедивме Барселона да вклучи клаузула која ќе му овозможи на фудбалерот да си замине за одредена сума на пари, а тоа на крајот се покажа како правилна и клучна одлука. Хосе Луис Нуњез објави дека е продолжен договорот на Роналдо со Барселона, но само три часа подоцна ние видовме дека тие не испочитувале и измениле работи во истиот. Тоа што го договоривме три часа претходно, веќе го немаше. Мислев дека сонувам, бев во шок. Во тој момент сфатив дека морам да ја истерам работата до крај, а тоа значеше дека морам да ја прекинам соработката со голем клуб како Барселона. Кога дозна како не изиграа, Роналдо беше многу лут за начинот на кои завршија договорите кои траеја со месеци, а во тие моменти Барселона стана негово минато – објаснува познатиот фудбалски работник од Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.