Вечерва на полноќ ќе се означи Христовото воскресение, а вратите во сите православни цркви и манастири се отворени за сите верници кои ќе го прослават воскресувањето на Исус Христос. Литургија почнува во 23 часот во сите цркви во земјава. Во Соборниот храм во Скопје литургијата ќе ја предводи поглаварот на МПЦ Г.Г. Стефан. Пред полноќ верниците предводени од црковни лица ќе свртат три круга околу црквите а потоа ќе ја слушнат објавата – Христос воскресна!

На полноќ, верниците ќе почнат со традиционалното кршење на црвените јајца.
Потоа ќе се упатат во своите домови, а утредента многумина повторно ќе се соберат во храмовите на литургија. По традиција, утре, за Велигден во домовите на православните христијани се спрема богата трпеза со јагнешко, помладите одат на гости кај родителите и роднини. Децата одат од куќа во куќа, а домаќинките ги даруваат со црвени јајца.
Воскресението Христово, на кое му претходела смртта, е темелот на христијанската вера, велат црковните канони.
Затоа Велигден е најголемиот христијански празник, празник над празниците, симболизирајќи ја победата над смртта, мигот кога Исус Христос ја покажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


