Дваесет и шестгодишниот Љубиша Видојковиќ, кој на 3 април минатата година кај Универзална сала ја прегази студентката Фросина Цековска од Крива Паланка, е осуден на затворска казна од 6,5 години за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
За првото дело е осуден на казна затвор од 6 години и 4 месеци, а за второто дело на 6 месеци. Судот му изрече единствена казна од 6 години и 6 месеци. Родителите на студентката изреагираа бурно кога адвокатот на Љубиша побара тој да биде ослободен од едното кривично дело затоа што, според исказите на вештаците се докажало дека пешакот ја предизвикал сообраќајката. Обвинетиот пред читање на пресудата изрази каење и го призна само едното дело, односно тоа за неукажување на помош во сообраќајка.
Во завршните зборови, обвинителката Наташа Гоџоска наведе дека неспорно е дека Љубиша бил зад воланот за време на несреќата, а неговиот идентитет е утврден врз основа на ДНА анализа која дава резултати со точност од 99 отсто. Таа наведе дека обвинетиот направил повеќе пропусти во сообраќајот и тоа дека управувал под дејство на алкохол, дека возел побрзо од дозволеното и дека бил должен да постапува со внимание кога се приближувал пред обележан пешачки премин иако поминувал на зелено светло. Според обвинението, Видојковиќ, требало особено да внимава знаејќи дека на булеварот „Партизански одреди“ кој го поминувал секојдневно има зголемеа фреквенција на возила и пешаци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.