| четврток, 6 декември 2018 |

Француското разузнавање предупредувало на напад со возило уште во мај

Шефот на Главната управа за внатрешна безбедност на Франција, Патрик Калвар, уште во мај предупредувал за можноста терористите да употребат транспортни средства за извршување напади во земјата, пренесува весникот Ле Фигаро по терористичкиот напад во јужниот град Ница, каде што со камион полн со оружје и гранати подготвени за користење се убиени најмалку 80 луѓе

 

Синоќа во 22,30 часот по локало време камион се заби во толпа луѓе што се собраа на познатото Англиско шеталиште во Ница за да го проследат огнометот по повод националниот празник Денот на падот на Бастилја. Според очевидци, камионот речиси два километра воопшто не запирал возејќи цик-цак со цел да прегази што повеќе луѓе по шеталиштето. Возачот е убиен во престрелка со полицијата. Според последните извештаи, загинале најмалку 80 луѓе, а од стотината повредени 42 лица се наоѓаат во критична состојба.

Како што пишува Ле Фигаро, на 24 мај шефот на француското контраразузнавање учествувал на затворено сослушување на Специјалната комисија на Националното собрание (Долниот дом на Парламентот) и рекол дека терористите од Исламската држава ќе го променат начинот на дејствување.

– Убеден сум дека ќе се префрлат на употреба на автомобил-бомби и експлозивни направи со голема разорна моќ – рекол Калвар во текот на сослушувањето на комисијата.

Според него, водачите на терористичките ќелии влегуваат во Франција со цел да организираат напади на нејзината територија, и притоа може да ја сменат стратегијата за користење самоубијци.

Оружјето и гранатите, кои биле пронајдени во камионот со кој е извршен нападот во Ница, биле подготвени за употреба, изјави ноќта кон петокот челникот на регионот Прованса – Алпи – Азурен Брег, поранешниот градоначалник на Ница, Кристијан Естрози, во интервју за телевизијата БФМТВ.

Според Естрози, во камионот имало гранати и оружје „доволно моќни и подготвени за употреба“. Претходно тој истакна дека „собраните информации укажуваат на тоа дека активностите на возачот на камионот биле намерни и планирани“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top