Присутните на Антички уживаа во неповторливата изведба на Гаранча на звуците од делата на Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно, Бизе, Пучини… Делата беа специјално одбрани за да ги претстават особеностите и специфичностите во уметничкиот израз на самите композитори, а истовремено соодветствуваат со силината и квалитетот на гласот на оперскиот солист, додека вториот дел од концертот беше резервиран за најпознатите композиции од операта „Кармен“. Публиката имаше незаборавно уметничко доживување што долго ќе се памети.
Манифестацијата ја отвори Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој меѓу другот истакна дека овој фестивал претставува вистинска гордост благодарение на настапите на нашите врвни уметници и најголемите светски имиња.
-Верувам дека на сите тие уметници огромна инспирација им претставувала и им претставува овој наш прекрасен древен град во кој по некој случај тука некаде над нас пред единаесет и пол века, Климент ги изгравирал своите слова, со што ја создал основата на нашата култура и писменост за што сме должни да ја пренесеме на нашите поколенија и тие на нивните. А над сите слова, за да станат мисла сепак треба да се облагодоредни со интонација, а истата е музика, рече Претседателот Ѓорѓе Иванов.
Саша Николовски-Ѓумар се обрати од името на уметниците.
-Отсекогаш сум тврдел дека музиката е магија која можеби никој до крај не ја разбрал. Можеби до крај не сме го разбрале „Агнус Деи“ од Баховата грандиозна Миса во Х-мол, Моцартовата „Лакримоза“, Шемберговата „Озарена ноќ“, но сите сме свесни за нивната порака којашто е несогледливо голема и значајна. Па за таа порака зарем не ни е најголемиот доказ едно човече од Бон кој на текстот на Шилеровата „Одас на радоста“ ја напишал една од највеличенствените композиции во историјата и имено звуците на Бетовеновата „Деветта симфонија“ се пратени во космосот меѓу оние астрални проекции на кои секоја ноќ погледнувајќи нагоре им се воодушевуваме со стравопочит, звуци како завет на нашата бесмртност, рече Ѓумар.
На свеченото отворање на годинашното „Охридско лето“ присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, министри во Владата, членови на дипломатскиот кор, пратеници во Собранието на Република Македонија, стопанственици и бројни љубители на музиката и почитувачи на манифестацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“


