Британскиот Парламент ќе ја разгледа петицијата што досега ја потпишаа над четири милиони лица, а која повикува на втор референдум за членство во Европската Унија, но нема да донесува одлука за неа, пренесоа британските медиуми.
Дебатата ќе се одржи на 5 септември во втората сала за дебати на британскиот Парламент, Вестминстер хол.
Тереза Меј, која утре ќе ја преземе премиерската должност од Дејвид Камерон, го исклучи одржувањето второ национално изјаснување, изјавувајќи “Брегзит значи Брегзит“.
Парламентарната комисија за петиции соопшти дека одлучила ова прашање да го стави на дискусија заради големиот број собрани потписи, но подвлече дека не го поддржува повикот за нов референдум.
Петицијата, која беше пуштена на Интернет уште пред референдумот на 23 јуни, инсистира Владата да го повтори доколку поддршката за напуштање или за останување во ЕУ биде под 60 проценти и при избирачка активност под 75 отсто од граѓаните со право на глас.
„Дебатата ќе овозможи пратениците да изложат редица погледи од име на своите избирачи. На крајот од дебатата министер од Владата ќе одговори на покренатите прашања“, се наведува во соопштението на парламентарната комисија. Во него уште се посочува дека оваа парламентарна дебата „нема надлежност да го промени законот и нема да заврши со одлука на Долниот дом за тоа да има или да нема втор референдум“.
Комисијата уште истакнува дека петицијата инсистира на промена на правилата за одржување референдум, за која е веќе предоцна.
Британскиот Парламент е должен да го разгледа оддржувањето на дебата за сите петиции што имаат над 100.000 собрани потписи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.