Австриската влада на последната седница пред летните одмори, донесе одлука да се одземе родната куќа на Хитлер во местото Браунау од нејзината сопственичка.

Владата го прифати предлогот на министерот за внатрешни рaботи Волфганг Соботка, објектот да се одземе од сопственичката, со која не било можно да се постигне договор околу тоа што ќе се случува со куќата. Сепак, Соботка не добил поддршка куќата да биде урната.
Австрискиот канцелар Кристијан Керн по седницата на владата, изјави дека има практични проблеми ако се урива зградата, бидејќи таа се наоѓа под заштита на државата како историски објект. И вицеканцеларот Рајнхолд Митерленер рече дека зградата не може да се уништи поради заштитата, и предложи да се претвори во музеј. На ова Соботка вели дека родната куќа на Хитлер била ставена под заштита за време на Третот рајх, и тоа денеска не треба да важи. Идејата на Соботка за уривање на куќата во која се родил Адолф Хитлер е поддржана од Еврејската заедница во Австрија. Една од идеите е објектот да се претвори во супермаркет.
Одлуката за одземање на куќата е донесена за да се спречи таа да биде место кое ќе привлекува неонацисти. Министерството за внатрешни работи од 1972 година ја изнајмува куќата од сопственичката, плаќајќи 4 800 евра месечно за кирија за 800 квадрати. Сопственичката повеќе пати одбивала да ја продаде куќата, а сега откако и е одземена, ќе добие обештетување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


