| четврток, 6 декември 2018 |

Венецуела: Илјадници граѓани заминаа во Колумбија по лекови и храна

Десетици илјади луѓе од Венецуела се упатија преку мостовите во Колумбија овој викенд, откако Венецуела на кусо ги отвори границите со цел тие да можат да купат храна и лекови.

Колумбиските власти соопштија денеска дека 35 илјади лица од Венецуела влегле во нивната земја за време на викендот, веднаш по отворањето на границите во 12 часот, по една година блокада на тој премин.

Драматичните сцени на постари лица и мајки кои се упатуваат во колумбиските супермаркети и аптеки се сериозен потсетник за тоа колку квалитетот на секојдневниот живот во Венецуела се влошил од 2014 година кога почна падот на економијата во земјата, коментираат светските агенции.

Голем број граѓани се вратиле во Венецуела дури пред зори со голем товар од брашно, масло за јадење, пелени и други основни намирници и лекови, кои не можат да се купат во земјата, поради инфлацијата од 700 отсто и големиот недостиг на основни продукти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top