Претставници на четирите партии потписнички на Договорот од Пржино денеска треба да одржат нова средба во обид да ги надминат несогласувањата што го попречуваат решавањето на политичката криза.
Се очекува и на ова продолжение на разговорите да присуствуваат амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли.
Евроамбасадорот Орав по вчерашната рунда разговори во резиденцијата на ЕУ во Пржино, изјави дека договор се уште нема, но има одреден напредок и оти се надева дека на денешната нова средба ќе биде постигнато повеќе. Информира дека партиските преставници побарале дополнително време за консултации со раководставата на партиите.
На брз договор и надминување на политичката криза, вчера во Скопје повика помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд. По средбите со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, Нуланд порача дека е потребно целосно да се спроведе Договорот од Пржино и што поскоро, во наредните денови, да се постигне договор за одржување избори со цел излегување од политичката криза во која се наоѓа Македонија.
– Очигледно е дека е постигнат одреден прогрес во имплементацијата на Пржинскиот договор, но сега е моментот да се заврши работата и Македонија да се постави на курсот за слободни и фер избори. Го напуштам Скопје охрабрена од она што го слушнав. Се надевам дека преговарачките тимови во следните неколку денови ќе се обединат околу некои идеи кои сега се на маса со што ќе се зацрта курсот кон одржување избори. За ова ќе биде потребна политичка волја од сите страни и почувствував дека таа волја постои по средбите што ги имав, рече Нуланд.
Таа додаде дека амбасадорот Бејли и неговиот тим ќе продолжат со напорната работа заедно со Европската унија со цел политичките партии во земјата да дојдат до решение што е можно поскоро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.