Скопје доби нов кружен тек помеѓу населбите Автокоманда и Железара чие официјално пуштање во употреба ќе биде денес во 11 часот. Новиот кружен тек меѓу улиците „16. Македонска бригада“ и „Коце Металец“, ќе придонесе за поубав лик на оваа локација, но што е уште поважно, и за побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот.
Во самиот кружен тек се формирани две сообраќајни ленти со вкупна ширина од 9 метри, а како дел од овој проект се изврши и реконструкција на коловозот на улиците „16.Македонска бригада“ и „Коце Металец“ на потег со вкупна должина од 630 метри.
Поставена е и атмосферската канализација, завршено е поставувањето на уличното осветлување, а на тротоарите се наредени и бектон- плочките.
На изградбата на новиот кружен тек меѓу улиците „16.Македонска бригада“ и „Коце Металец“ работеа екипите на градежната компанија „Бауер БГ“. Градот Скопје за овој градежен зафат потроши околу 45 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.