Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска ја посети општина Кривогаштани каде имаше средби со граѓаните, но и изврши увид во започнати активности, инвестиции, завршени игралиште и спортска сала.
Трите инвестиции кои во изминатите години беа најавени во општината, веќе се реализираат. Само во следната година се очекува овие три инвестиции да отворат 100 нови редовни работни места и дополнителни сезонски.
– Во општина Кривогаштани има сериозна градежна експанзија во инфраструктурата. Се завршуваат проекти коишто вредат над три милиони евра или околу 200 милиони денари. Се работи за изградба на четири или пет улици, канализации, објекти што се значајни за младите, како што е спортската сала и мултифункционалното игралиште, сточниот пазар, плоштадот кој се завршува – изјави Груевски при денешната посета на општина Кривогаштани.
Во општината изграден е и нов сточен пазар за кој граѓаните одамна пројавиле интерес и потреба, а почната е и изградбата на зелен пазар. Во тек се и реконструкции и изградба на нови улици во општината, две канализации, а изградено е едно повеќенаменско игралиште, додека при крај е и изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Манчу Матак“.
Груевски додаде, дека дел од прашањата и проблемите на граѓаните кои што порано не биле решени сега се решаваат. Претходно, рече, во Кривогаштани немало градинка сега таа е изградена. Имало руинирано училиште кое сега е комплетно обновено. Немало спортско игралиште, ниту пак спортска сала или била целосно руинирана, а многу улици биле во многу лоша фаза. Немало, додаде Груевски, ниту Брза помош која сега ја има во општината, а отворени се и седум подрачни единици кои во минатото не постоеле.
– Не можам да ги набројам сите затоа што е долга листата на работи кои што се завршени. Се гради и регионалниот пат од Градско до Прилеп кој е дополнителна инвестиција значајна за овој регион, а вредна 70 милиони евра. Патот е значаен за овие луѓе што живеат тука, бидејќи секое нивно заминување кон Скопје или некој друг дел од земјата води низ тој пат. Тој е значаен и за инвеститорите, бидејќи за да стасаат до општината мора да поминат по него – истакна Груевски одговарајќи на новинарско прашање во рамки на посетата на село Крушеани, општина Кривогаштани.
Повеќенаменското игралиште се простира на површина од 1.300 метри квадратни, осветлено е со рефлектори и е дел од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Инвестицијата е девет милиони денари, а најавена е и изградба на игралиште за стрип баскет во оваа општина.
Спортската сала е во рамки на основното училиште во општината и треба да биде пуштена во употреба за еден месец. Изградена е на површина од 650 метри квадратни. Во ова основно училиште учат 300 ученици.
Градоначалникот на општината Тони Заткоски истакна дека ваквите инвестиции во општината ќе продолжат и во иднина и оти нивната реализација, како што рече, е можна со поддршката од Владата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека она што им било ветено на граѓаните и што може да се направи, ќе се реализира и најави дополнителни инвестиции и поддршка за овој дел од Македонија.
Во рамки на посетата на општината, кај новиот плоштад лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше средба и со жителите на Кривогаштани кои изразија задоволство од подршката на Владата за реализација на сите проекти. Задоволни се и од работата на градоначалникот и посочуваат дека со негова помош и со помош на Владата се реализираат многу проекти од интерес на граѓаните во оваа општина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски