| четврток, 6 декември 2018 |

Историски договор: НАТО и ЕУ се бранат од Русија, распоредуваат војска на истокот на Европа

Лидерите на НАТО и Европската унија потпишаа „историски договор“ со кој се зајакна нивната соработка во одбраната од новите предизвици.
Договорот беше потпишан синоќа во Варшава, непосредно пред самитот на НАТО и истиот има цел да го покаже единството на западот во соочувањето со заканите кои што доаѓаат од исток и југ, пренесува новинската агенција “AP”.

Договорот е потпишан од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Европскиот совет, Доналд Таск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Столтенберг изјави дека ова е историски договор кој даде „нова суштина, нов поттик во соработката помеѓу Европската унија и НАТО во водењето на хибридните војни, сајбер нападите и сопирањето на масовните нелегални миграции“, додека пак Таск изјави дека новиот договор ќе ја поправи ситуацијата од претходно која изгледаше како „НАТО и ЕУ се сосема две различни работи, иако се од ист град“.

nato-rasporeduvanje-samit-polska-tocka-2016-02

Инаку, хибридните војни, вклучуваат различно оружје како што е пропагандата, психолошките кампањи, сајбер нападите и употребата на политичкиот, економскиот и енергетскиот притисок.

„Одлучивме да го прошириме военото присуство во источниот блок на НАТО со разместување на четири баталјони во таа област“, изјави Столтенберг кој прецизираше дека свои војници во Летонија ќе испрати Канада, во Литванија ќе пристигнат германските војници, во Естонија ќе бидат разместени војници од Велика Британија, а во Полска од Соединетите Американски Држави.

Во текот на вчерашниот ден со заедничка фотографија на лидерите на земјите членки на НАТО и едноминутно молчење за војниците загинати во мисиите на НАТО, започна самитот во Варшава на кој се очекува да биде донесена одлука за јакнење на источното крило кон Русија, зголемени активности во борбата против тероризмот, сајбер нападите, како и поддршка во борбата против Исламската држава.

nato-rasporeduvanje-samit-polska-tocka-2016-01

Генералниот секретар на НАТО изјави дека ќе бидат донесени одлуки кои што ќе влијаат на безбедноста во идните години. Како една од таквите одлуки е секако распоредувањето на четири баталјони во Полска и трите балтички земји.

Самитот во Варшава настојува да пронајде рамнотежа помеѓу политиката на ефикасно одвраќање на потенцијалните непријатели, сето тоа засилено со разместување на своите сили и интензивиран дијалог, пред се со Русија која, како што велат челниците на НАТО, е интегрален дел од европскиот систем за безбедност и потребно е со Русија да се води дијалог затоа што никој во НАТО не сака избивање на нова Студена војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top