| четврток, 6 декември 2018 |

Јан Весели одлучи, ќе остане соиграч со Перо Антиќ во Фенербахче

jan veseli

Јан Весели не се придружи на групата на врвни европски играчи кои заминуваат во НБА одбивајќи понуди од неколку екипи преку „Атлантикот“ за да остане на Стариот континент. Чешкиот центар и во следната сезона ќе го носи дресот на Фенербахче, откако доцна синоќа, по елиминацијата на својата репрезентација на предолимпискиот турнир, ги финишираше преговорите со европскиот вицепрвак.

Со новиот договор тој ќе остане во Истанбул уште три години, но по крајот на секоја сезона Чехот ќе има можност да замине во НБА, а Фенербахче ќе заработи милионска сума како отштета за ваков трансфер. Новиот договор на Весели утрово го потврди и неговиот менаџер Александар Рашковиќ.

„Јан Весели го продолжи договорот со Фенербахче за уште три сезони. Ние сме дел од семејството Фенербахче, имаме незавршена работа тука“ – напиша Рашковиќ на својот твитер-профил, алудирајќи на европската круна која за влакно му побегна на турскиот гигант минатата сезона.

Весели и во новата сезона за соиграч во Фенербахче ќе го има Перо Антиќ, со кого одлично се надополнуваше во тимот на тренерот Жељко Обрадовиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top