| четврток, 6 декември 2018 |

Гвардиола го пецна Мурињо: Станав подобар тренер поради него

gvardiola

Пеп Гвардиола се фати за работа во Манчестер сити, свесен дека предизвикот да се стане шампион во Премиер-лигата е поголем од било која друга лига во Европа. „Граѓаните“ сигурно ќе состават моќен тим за новата сезона, но истото се однесува и на главните ривали. Покрај битките на терено, интересни ќе биде и тренерските дуели, со оглед на фактот дека Гвардиола за ривали ќе ги има Мурињо, Венгер, Конте, Клоп, Раниери, Билиќ…

– Сигурно дека ќе биде интересно. Конте е извонреден тренер, имав дуели со Клоп во Германија, знам дека Роналд Куман е одличен пријател, исто како и Клаудио Раниери. Тука е и Жозе Мурињо, кој со својата работа ме натера да бидам подобар тренер, и јас да работам многу повеќе и да се усовршувам. Како што реков, ова ќе биде интересна и неизвесна сезона – изјави Гвардиола.

Дел од играчите на Манчестер сити потфрлија со игрите минатата сезона, најмногу од сите дефинитивно Рахим Стерлинг, кој воопшто не ја оправда сумата од 45 милиони фунти што „граѓаните“ му ја платија на Ливерпул за неговите услуги.

– Мислам дека проблемот на Стерлинг е што клубот плати премногу пари за него, сега таа сума секогаш се врти во главите на луѓето додека го гледаат и очекуваат премногу од него. Верувам дека Рахим е играч со одличен потенцијал, сигурно ќе му помогнам да блесне во посакуваното светло. Работев со шпански и со каталонски играчи во Примера, потоа со Германци во Бундес-лигата, секако дека сакам да помагам да се развиваат и англиските фудбалери во Премиер-лигата. Сепак, нивниот проблем е што се премногу скапи и тоа им создава притисок со кој најчесто не знаат да се справат – истакна Пеп Гвардиола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top