Поранешната директорка на домот за стари лица „Зафир Сајто“, Мирјана Атанасовска, денеска на прес конференција го обвини градоначалникот на општина Куманово,Зоран Дамјановски за политички реваншизам, јави МИА.
– На 22 април бев разрешана, а на мое место Дамјановски назначи лице кое е негов партиски послушник и истото лице им го прекина времениот договор за вработување на уште четири вработени лица во установата , рече Атанасовска.
Поранешната директорка информира дека оваа недела работи без решение за прераспределување. Од 2009 година, градоначалникот преку управниот одбор на оваа институција, како што истакна, презел погрешни решенија од кои домот претрпел економска штета.
– На 11 април годинава, општината изврши класичен упад во финансискиот план и програма на установата оневозможувајќи да работиме нормално бидејки сметката е блокирана.Тој не прецизираше зошто ја блокирал сметката и рече дека од мене и моите вработени има политичка штета, наведе Атанасовска.
Во отсуство на градоначалникот на општина Куманово, на обвинувањата реагираше секретарот на општината Валентина Алексовска.
– Не станува збор за никаков политички реваншизам,на директорката и е истечен мандатот,назначен е в.д директор,се до распишување на конкурс за директор на институцијата. И на останатите четворица вработени им е истечен договорот за времено вработување на 30 април бидејќи нема потреба од таков кадар во оваа општинска установа, вели секретарот на општината Алексовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


