Канадскиот тенисер Милош Раониќ сензационално го елиминира Роџер Федерер од престижниот турнир во Лондон со победа од 3-2 во сетови во маратонски дуел. Младиот тенисер успеа да ги надмине своите грешки, да ја искористи бавната игра на противникот за прво свое финале на Вимблдон, воедно и на гренд слем турнирите.
Канаѓанецот најави одлична битка освојувајќи го првиот сет (6-3). Федерер не можеше да се справи со одличниот сервис на противникот кој по секоја грешка враќаше со ас.
Вториот сет мина во далеку понеизвесна атмосфера. Федерер лесно го освои првиот гем, но Раониќ успеа да изедначи и покрај двојните грешки зад линијата за сервис. До крајот на сетот Швајцарецот не му остави простор на својот противник да направи брејк и евентуално да го преземе водството. Со четири експресни поени, Раониќ ги одведе тенисерите во тајбрејк за вториот сет (6-6). Сервисот на Федерер овој пат се покажа како поефикасен носејќи му 3-7 во тајбрејкот за изедначување во сетови (1-1).
Во наредниот сет Федерер беше тенисерот кој ја бркаше негативата во гемови сè додека Раониќ повторно не направи двојна сервис грешка и му го подари брејкот на Швајцарецот. Со предноста во свои раце, Федерер лесно го освои и третиот сет (4-6).
Ниту брзината на искусниот Федерер нити одличниот бекхенд не му помогнаа да се извлече од негативата во четвртиот сет. Комплицираните потези му овозможија на Раониќ да ја искористи третата сет топка за ново изедначување во сетови (2-2).
Раониќ го имаше првото водство во гемови во решавачкиот сет. Федерер форсираше игра на мрежа, а Канаѓанецот остана сигурен покрај својата аут линија. Раониќ дојде и до водство од 4-1, па Федерер накратко успеа да се ’врати’ во игра до 5-3. Во решавачкиот сет Канаѓанецот ја забрза играта, а Федерер не можеше да се носи со новото темпо што значеше и освојување на првата меч топка од страна на младиот тенисер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.