Антоан Гризман повторно е херојот на француската репрезентација, откако фудбалерот на Атлетико Мадрид со два гола ги одведе „триколорите“ во големото финале од ЕВРО 2016. Првиот погодок Гризман го погоди со прецизен удар од белата точка, оставајќи го зад себе разочарувачкото промашување на пеналот во финалето од ЛШ пред нешто повеќе од еден месец.
– Не се плашев при пеналот, знаев дека нема да се повтори Лигата на шампионите. Го чувствував товарот, очекувањата на целата нација, но исто така и бев сигурен дека ќе погодам. Нормално, радоста кога топката заврши во мрежата беше огромна. За вториот гол само стоев на десетина метри, надевајќи се дека можеби голманот ќе згреши. Се случи токму тоа, топката ми падна директно на нога и само ја сместив во мрежата – истакна Гризман, кој со шест гола е убедливо најдобар стрелец во досегашниот дел од европскиот шампионат.
Францускиот ас потенцираше дека нема премногу време за радост бидејќи „триколорите“ мора експресно да ги насочат погледите кон големото финале со Португалија.
– Атмосферата беше одлична, уживавме во славјето по натпреварот, но јасно ни е дека нема простор за еуфорија. Дојдовме на овој шампионат со желба да стигнеме до титулата и сега се наоѓаме на само едно скалило до остварувањето на таа цел. Знам дека ќе имаме огромна поддршка и во финалето, се надевам дека ќе славиме на 10 јули, тоа ќе биде забава што ќе трае многу подолго од оваа денеска – порача Гризман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.