Челси е подготвен да се вклучи во трката по Лионел Меси доколку аргентинскиот ас реши да си замине од Барселона поради хајката што се води против него. Ова го тврди британскиот таблоид „Сан“, обелоденувајќи дека Аргентинецот не бил среќен поради премалата поддршка што му ја дал клубот за време на судењето поради затајување на данок. „Десетката“ на Барселона се наоѓа во дилема дали да продолжи да го носи дресот на каталонскиот гигант, а неговиот татко веќе почнал да разговара со заинтересираните клубови.
Според „Сан“, таткото на Меси уште пред изрекувањето на пресудата (21 месец затвор условно) имал средба со Роман Абрамович, на која се дискутирало околу можноста Лео да се пресели на „Стемфорд бриџ“. Состанокот се одржал на „најголемата јахта на светот“, што е сопственост на рускиот милијардер, кој не ја криел желбата да го види Меси во дресот на Челси.
Неофицијално, англискиот премиерлигаш би платил 150 милиони фунти за аргентинскиот ас, кој згора на тоа би добил богат договор и би заработувал околу 25 милиони фунти по сезона во Премиер-лигата.
Сепак, ова барем засега делува како нереална шпекулација, особено откако челниците на Барса најавија интензивирање на преговорите за потпис на нов договор со својот најдобар фудбалер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.