| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев: Македонија позитивен пример за менаџирање со кризата

Балканот и понатаму останува подрачје каде приоретет е членството во Европската Унија која продолжува со политиката на отворени врати, истакна премиерот Емил Димитриев по Самитот во Париз за земјите од Западен Балкан.

Тој посочи дека за време на разговорите за бегалската криза, Македонија во текот на целиот Самит била споменувана како позитивен пример по ова прашање.

-На мое задоволство често беше искажувана благодарност кон Македонија за справување со кризата, посебно со квалификации дека Македонија успеала европски да ја изменаџира кризата. Зборувавме за сфери во областа на безбедноста, за аспирациите во НАТО, ја реафирмиравме нашата позиција дека наш врвен приоритет останува членството во Европската Унија, истакна Димитриев и додаде дека како резултат од овој Самит е потпишувањето на Договор за отворање на регионална канцеларија за млади во регионот.

Во врска со билатералните спорови на Балканот и конкретно со нашиот спор со Грција, премиерот рече дека во принцип, билатералните спорови и понатаму остануваат пречка за членство во ЕУ,  а за Западен Балкан ќе се отворат вратите кога ќе бидат надминати овие пречки.

-Нашата позиција е јасна, ние сме проактивни во тој правец да ги надминеме споровите. Пред сè, мислам на споровите со нашиот јужен сосед и разликите со името.  Да најдеме заедничко решение кое би ги деблокирало нашите евроатлански процеси. Билатералните спорови ќе продолжат да вршат притисок врз Западен Балкан, истакна Димитриев.

Во однос на финансиските средства наменети за некој конкретен проект во одредена земја, Димитриев рече дека не станало збор по ова прашање.

-Конкретно за финансиски средства не стана збор, во принцип буџетските сретства со кои располага условно речено оваа иницијатива не се исполнети. Секој Самит, одредени земји добиваат средства за одредени проекти. Се надевам во некој нареден процес, Македонија ќе биде вклучена со финансирање на конкретни проекти, рече Димитриев во своето обраќање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top