Раководството на Пари сен Жермен го комплетираше и вториот трансфер во денешниот ден, како „подарок“ за новиот тренер Унаи Емери кој инсистира што поскоро да биде заокружен „ростерот“ што ќе го има на располагање за следната натпреварувачка сезона. По официјализацијата на трансферот на Криховијак од Севилја, „светците“ попладнево објавија дека нивни нов член е и белгискиот репрезентативец Томас Муние.
Станува збор за играч кој беше стандарден на позицијата десен бек кај „црвените ѓаволи“ на ЕВРО 2016, а неполн 48 часа по завршувањето на настапот на европскиот шампионат овој 24-годишен дефанзивец ги смени и клупските бои. Муниер доаѓа од редовите на Бриж и би требало да биде замена за Ван дер Вил, кој си замина од ПСЖ и ќе го засили турскиот гигант Фенербахче.
Висината на овој трансфер не се обелоденува, но се шпекулира за сума од седум милиони евра, плус дополнителни клаузули.
Муниер е третото засилување за ПСЖ сезонава, откако пред неколку дена францускиот првак го доведе во своите редови и одличниот крилен офанзивец Хатем бен Арфа од редовите на Ница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.