| четврток, 6 декември 2018 |

Г.г. Стефан: Ако го чуваме националното единство,никој не може да нè подели!

-Ако се трудиме да го зачуваме нашето национално единство, и во поделената татковина и меѓу иселените Македонци по светот, ќе можеме пред сите и насекаде да покажеме дека со ниеден договор и со никаква одлука не може да се подели обединетиот македонски народ, порачува во велигденско послание поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

„Нема подобро сведочење и исповедање на верата од нашето единство. Христовото воскресение е премин од смрт во живот, од распадливост и временост во трајност и вечност. Светата црква речиси повеќе од дваесет столетија му ја објавува на светот вистината за воскресението, кое е победа на животот над смртта, ја сведочи вистината која се открива и која ќе дојде како вечен живот – како заедница на човекот со сите созданија во Христа. Токму затоа ова е Голем или Велик ден“ – додава Архиепископот.

Архиепископот посочува дека изучувањето на верата има пресудно значење во градењето здрава личност, а, нагласува тој, одговорноста за тоа ја имаат родителите.

„Ако детето уште во семејството биде научено на христијанските принципи на однесување и размислување, голема е веројатноста дека и во понатамошниот живот ќе се развие во духовно зрела личност. Така воспитан, младиот човек ќе може многу поуспешно да се справува со разновидните и секојдневни предизвици што ги носи животот. Семејството што подоцна ќе го формира ќе биде градено врз здрави темели“, се вели во дел од велигденското послание на г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА пишува дека верските екстремизми и фундаментализми потекнуваат од непознавањето или од погрешното познавање на верата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top