| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски туристи измамени на патот Солун – Скопје: Му дадов 20 евра, а тој ми бараше уште 50

skopje solun

Измамникот што последниве недели оперира на солунскиот „ринг-роуд“ за кој неодамна пишуваа домашните медиуми, деновиве успеал да измами и да им земе пари на македонски туристи, кои поминувале по сообраќајницата што води кон грчките летувалишта.

Жртва било едно скопско семејство, кое пред неколку дена со својот автомобил се возело кон туристичкото гратче Ханиоти, при што непосредно по влегувањето на обиколницата добило сигнал да запре од автомобилот зад себе.

– Се возевме кон Солун и брзо откако влеговме на обиколницата забележавме како од еден автомобил возачот ни дава светлосен сигнал. Истовремено, во рака држеше некаква бела картичка со која ни мавташе да застанеме. Решивме да застанеме, а возачот излезе од колата на која немаше регистарски таблички. Дојде кај нас и почна да ни објаснува како останал без гориво, како треба да оди кон Германија, кај својот деловен партнер, ни даде неговата визит-картичка зборувајќи дека неговиот партнер ќе ни ги врати парите. Истовремено, го симна и прстенот од десната рака, сакајќи да ни го даде како гаранција дека долгот ќе биде вратен, раскажала скопјанката Десанка М. за Дневник.

Таа рекла дека се сожалила на човекот и од паричникот извадила 20 евра, кои му ги дала со желба да му помогне.

– Тој веднаш ги зеде, но кога виде дека во паричникот имам уште пари, почна да бара да му дадам 50 евра. Така не би постапил човек кој бара помош од други луѓе. Сфатив дека тој и не е во неволја како што се претставува и оти само сака да добие пари од нас. Но, не сакав да ја заострувам ситуацијата оти не знаевме со кого си имаме работа, а во колата со нас беа мали деца. Му кажав само дека му е доста и да ни се тргне. Тој потоа се оддалечи, а ние го продолживме патот. Kога за ова им раскажавме на други македонски туристи, тие ни рекоа дека домашниот весник веќе пишувал за вакви измамници. И јас сакам да ги предупредам нашите граѓани на тоа што може да им се случи додека ја поминуваат обиколницата околу Солун. Измамникот ја симнал и регистерската табличка за да не може да го пријавиме, додала оваа скопјанка.

Обиколницата околу Солун е задолжителна за странските туристи, кои со свои возила патуваат кон јужните грчки летувалишта, најмногу од Македонија и од Србија. Таа е често и закрчена од голем број автомобили што се движат бавно, особено во деновите на викендот. Прв знак дека измамникот нешто подготвува е кога ќе почне да им сигнализира на возилата пред себе да застанат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top