Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими морнаричкиот капетан Горазд Бартол, новоименуван шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, посакувајќи му добредојде во Република Македонија, Иванов изрази очекување за продолжување на непосредната соработка на Канцеларијата за врски на НАТО со Министерството за одбрана и со Генералштабот на АРМ.
На средбата Иванов изразил благодарност за досегашната соработка, како и подготвеност за натамошна потесна соработка и поддршка од канцеларијата за врски на НАТО, во доменот на одбраната и безбедноста.
– Во однос на македонските аспирации за членство во НАТО, а во пресрет на самитот во Варшава, претседателот Иванов апелираше до партнерите во алијансата да не го игнорираат меѓународното право, да не се игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти и предизвиците во нашиот регион и побара Република Македонија што поскоро да го заземе заслуженото место како земја-членка во НАТО – се наведува во соопштението.
Иванов на морнаричкиот капетан Бартол му посака успех во извршувањето на одговорната мисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.