Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од втората половина на август нема да има постојан претставник во канцеларијата во Скопје. Како што информираат од ММФ, откако ќе заврши мандатот на сегашниот претставник на Фондот во Скопје, Патрик Житон, нема да биде назначен нов, односно ќе биде затворена таа позиција. Причина за тоа, како што се вели во соопштението од канцеларијата во Скопје, е што во моментов немаат силно присуство во земјата.
„Со завршувањето на мандатот на постојаниот претставник на ММФ во Република Македонија, Патрик Житон, ММФ ќе ја затвори оваа позиција. Локалната канцеларија на ММФ ќе продолжи со својата работа во Македонија со што и понатаму ќе се одржи силното присуство и проток на комуникација помеѓу ММФ и земјава. При донесувањето на оваа одлука, ММФ го зема предвид фактот дека засиленото присуство во земјава не е приоритет во момент кога нема активна програма на ММФ во Македонија. Во следниот период ќе се продолжи со одржување на основната мисија на ММФ, односно надзор на макроекономските развои и политики, вклучително и обезбедување техничка помош“, се вели во соопштението на ММФ.
Тимот на ММФ ќе продолжи со својата работа преку редовните посети на Скопје на кои ќе разговара со надлежните органи и претставниците на граѓанското општество, се вели во информацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.