Податоците кои ги објавува Министерството за финансии (МФ) за јавниот долг се егзактни и се пресметуваат врз база на методологија утврдена со Меѓународниот монетарен фонд, порачува Министерството во пишана реакција на денешното соопштение од СДСМ.
– Проекцијата за раст на БДП на која е пресметан јавниот и државниот долг е официјалната проекција од буџетот за 2017 година. Не сфаќаме која проекција би сакале од СДСМ Министерството за финансии да ја земе во пресметка на јавниот и државниот долг, ако не официјалната проекција од буџетот, се вели во реакцијата.
Се потсетува дека владината проекција за раст на БДП за 2017 година е дури пониска од проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд.
– Македонија е меѓу земјите со најнизок долг во Европа. Ова неодамна уште еднаш го потврдија челниците на меѓународните финансиски институции на Пролетните средби во Вашингтон. Очигледно дека јавниот долг е предмет на политички ПР, така што презапишувањето на државни хартии од вредност се пласира во јавноста како ново задолжување, се истакнува во реакцијата од Министерството за финасии и се додава дека МФ води одговорна политика во процесот на управување со јавниот долг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.