Од под Мало мовче во Велес утрово традиционално по Вардар исплови 18. Вардарска регата „Гемиџии 2016“, што ја организира општина Велес.
Годинава регатата е меѓународна со околу 120-тина учесници кои низ Вардар утрово запловија со десет гумени чамци и дрвената гемија. Таа е изработена по примерот и реплика на гемиите со кои велешките трговци во 19 и почетокот на 20 век носеле разна стока по Вардар за Солун.
Меѓу учесниците има членови на извидничкиот одред „Димитар Влахов“, припадници на АРМ и на Воената полиција, МВР, Црвениот крст и други, како и гости од Шабац од Србија и од Црна Гора. И годинава има логистичка поддршка од копно од припадниците на АРМ.
Ангелче Гушев од извидничкиот одред „Димитар Влахов“ и раководител на Вардарската регата „Гемиџии“ и годинава ќе се плови во четири етапи.
– Денеска се плови по Вардар од Велес до Криволак, утре од Криволак до Демир Капија, в сабота од Демир Капија до Марвинци и в недела е последната етапа од Марвинци до мостот под Гевгелија. Наша најголема желба во изминатите години и сега, а се надевам во скора иднина ќе ни се оствари е да ја продолжиме регатата по текот на реката Вардар се до Солун, а по патот по кој со гемии пловеле велешките трговци, потенцира Гушев.
Вардарската регата „Гемиџии 2016“ утрово ја испрати и сам се вклучи во еден мал дел од неа и велешкиот градоначалник Славчо Чадиев. Во чест на регата, синоќа кај Мало мовче имаше свечена програма со повеќе учесници: пејачки групи и играорци од градот, а беше промовирана и химната на Вардараската регата „Гемиџии“, односно преработената стара велешка песна „Пушти го коработ гемиџиче“.
Првпат синоќа свеченото отворање на Вардарската регата „Гемиџии 2016“ беше на потегот Мало Мовче и островчето Јаниташ во Вардар, лоцира во градскиот парк во Велес. Тоа е локацијата од која во минатото по Вардар со дрвените пловила наречени гемии поаѓале велешките трговци.
Учесниците денеска се поклонија на Споменикот на гемиџиите кај Мало Мовче во Велес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.