| четврток, 6 декември 2018 |

Бостон и Хјустон не се откажуваат

Бостон селтикс и Хјустон рокитс се покажаа како жилави противници во стартната рунда од плејофот во НБА и од 0-3, со по две победи се вратија во игра во сериите со Њујорк, односно Оклахома. Индијана по третпат ја надигра Атланта, на домашен терен и води со 3-2, во серијата до 4 победи.

Келтите од Бостон, беа на прагот на елиминација со максимални 4-0, против Њујорк, но со колективна игра се вратија во ритам и имаат можност да бидат првиот тим што добил плејоф серија, иако губел со 0-3. Најпрво, на домашен терен по продолженија победија и избегнаа „метла“, а ноќеска на гости во „Медисон Сквер Гарден“, славеа со 92-86 и намалија на 2-3. Кевин Гарнет беше прва виолина со 16 поени и 18 скока и 5 асистенции, а расположени беа и Џеф Грин со 18 поени, Џејсон Тери  со 17 и Пол Пирс со 16 поени.

Кај Њујорк Кармело Ентони даде 22 поени, а Џеј Ар Смит се врати по еден меч суспензија, со 14 поени. Ниту една екипа во историјата на НБА, не се вратила победнички во плејоф серија, откако имала негатива од 0-3. Њујорк си ја искомплицира работата и сега ќе гостува во шестиот меч во Бостон. Тие немаат добиено плејоф рунда од 2000 година.

На историски подвиг се надеват и кошаркарите на Хјустон. Ја победија Оклахома нагости со 107-100 и намалија на 2-3. И тие се во иста ситуација како и Бостон, а и оваа серија има идентично сценарио.

Џејмс Харден со 31 поен и 8 скока, ги предводеше ракетите до втор успех по ред, прв на гостински терен. Поранешниот кошаркар на Оклахома беше незапирлив, иако играше со настинка. Погоди дури 7 тројки од 9 обиди, за надеж во подвиг на Хјустон. Сите пет стартери на гостите имаа двоцифрен учинок во поени, а се истакна и центарот Омер Ашик со 21 поен. Кај домаќините кои останаа без ол-стар бекот Расел Ветсбрук, Кевин Дурент беше извонреден, со 36 поени и по 7 скока и асистенции.

Индијана и Атланта си победуваат само на домашен терен. Ноќеска Пејсерс славеа со 106-83. Засега нема неизвесност во серијата, а разликите во поени се постојано двоцифрени. Дејвид Вест со 24 поени и Пол Џорџ со 21 поен беа најефикасни кај победничката екипа. Ако продолжи трендот само домаќините да победуваат, тогаш би требало Индијана да оди во втората рунда, бидејќи седмиот натпревар би се играл кај нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top