Први мај се покажа кобен, откако се случила уште една сообраќајна несреќа во која за среќа нема жртви. Вчера доцна попладне кај месноста Сепарација на патниот правец Дебар – Маврово, делница Долно Косоврасти – Бошков Мост се случила сообраќајна несреќа во која настрадале четири момчиња на возраст од 20 до 23 години, кои се здобиле со тешки телесни повреди. Сите се од селото Горно Косоврасти.
– Момчињата беа донесени во Општата болница во Дебар и по укажаната прва медицинска помош, едното од нив, кое е во тешка состојба е упатено на понатамошен третман на Клиника во Скопје, другото во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, додека двете се задржани на хируршкото одделение при нашата болница – изјави директорот на општата болница, Баки Халили.
Според првичните сознанија момчињата се враќале од првомајски излет. Возилото во кое биле изгубило контрола и се превртило. Според портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, несреќата се случила во 18.45 часот, момчињата биле во возило “лендровер” со скопски регистарски таблички.
Претходно, се случи тешка сообраќајна несреќа во близина на кочанското село Оризари во која две лица загинаа, а осум деца се повредени од кои три се борат за живот на скопската Клиника. Истиот ден, први мај, загина Благој Ендровски од Кочани во сообраќајна несреќа кај кочанско Полаки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.