Баерн пак ја разби Барселона и ќе игра германско финале со Борусија Дортмунд на Вембли, на 25. мај. Баварците победија со 3-0 на „Камп Ноу“ и со вкупни 7-0 ја понижија каталонската фудбалска гордост.
Арјен Робен погоди во 48. минута за предност од 1-0, што значеше и крај на надеѓите на Барселона за подвиг. Тимот што единствен во историјата на Лигата на шампионите на двапати надоместил негатива од два или повеќе разлика, вечерва беше немоќен да ги сопре разиграните играчи на Баерн. Гостите продолжија со фудбалскиот танц и со уште два гола на величенствен начин се пласираа во финалето. Жерар Пике си даде автогол во 72. минута, а точка на спектаклот во баварска режија стави Томас Милер со гол во 76. минута.
Ваков тежок дебакл Барселона не доживеала во европските купови, а Баерн како фаворит влегува во завршната битка за трофејот против сонародниците од Дортмунд. Германското финале го најави Борусија со елиминација на Реал, вчера, иако „милионерите“ беа поразени со 0-2 на „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид. Решавалка беше победата на домашен терен од 4-1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


