Британските компании ќе ги намалат или целосно ќе го замрзнат ангажирањето на нови вработени. Тоа е една од првите директни последици за бизнисот на Островот по референдумот за Брегзит минатата недела.
Според студија на Институтот на директори (IoD), една четвртина од британските компании целосно ќе престанат да регрутираат нови кадри. 5 проценти пак планираат отпуштања. Речиси две третини од компаниите велат дека гласањето за излез од ЕУ ќе се одрази негативно на нивниот бизнис.
Податоците сепак не ги обесхрабри подржувачите на Брегзит. Џерард Линс, економски советник на поранешниот градоначалник на Лондон Борис Џонсон, смета дека несигурноста ќе биде краткотрајна, а долгорочно Британија подобро ќе се позиционира на светската економска сцена.
-Бизнис лидерите кај нас се многу, многу загрижени. Речиси половина од нив очекуваат дека земјите-членки на ЕУ ќе ја казнат Британија – сепак смета генералниот директор на IoD Сајмон Вокер, цитиран од BBC.
Според него оние кои гласаа за Брегзит не се свесни каков политички и економски хаос ќе следат. -Што се случило, се случило. Не треба да губиме надеж дека бизнисот ќе може да се заздрави. Се очекуваше дека ќе има шок, загуби на работни места и забавување на економскиот раст. Изгледа дека целиот британски бизнис ќе го почувствува тоа- додава Вокер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.