| четврток, 6 декември 2018 |

На Европа не ѝ се чека, на Британија не ѝ се брза

bregzitОна што преостанува за Велика Британија по референдумот е да го притисне „црвеното копче“ и да ја започне постапката за напуштање на Унијата, која според договорот од Лисабон, предвидено е да трае во текот на следните две години. Зошто Камерон истакна дека ќе чека неговата замена да го направи тоа? Го чека ли Британија вистинскиот момент, или пак, никогаш не планира да ја напушти Унијата?

Голем број дипломати и членови на европските институции деновиве зборуваат на оваа тема. За разлика од едни кои велат дека не треба да се притиска Британија да ја започне уште веднаш постапката за напуштање на Унијата, на други им се брза. На крајот, одлуката е на Британија и само таа може да каже кога е дојдено вистинското време да ја згасне својата ѕвезда на европското знаме.

Што предвидува член 50?

Според член 50 од Лисабонскиот договор, земјата членка, која ќе реши да ја напушти ЕУ, треба да го извести Европскиот совет за својата намера.

Заедницата треба да преговара и да склучи договор со државата, кој ќе ги содржи условите за нејзиното напуштање и да бидат земени предив идните односи со Унијата.

Договорот треба да биде склучен од Советот на ЕУ и одобрен со квалификуваното мнозинство.

Член 50 предвидува договорите на ЕУ да престанат да се применуваат за соодветната земја од датумот на стапување во сила на договорот за напуштање или во случај ако тоа не се случи – две години по одлуката за истапување, освен ако Европскиот совет во согласност со земјата членка не прифати едногодишно решение за продолжување на тој период.

Во одредбата се предвидува членот на Европскиот совет или Советот на ЕУ, од земјата што сака да го напушти блокот да не учествува во дискусиите или во донесувањето на одлуките.

Британија пред дилемата кога да ги активира преговорите

Велика Британија “може никогаш” да не ја активира формално постапката за напуштање на Европската унија, и покрај референдумот што се случи минатата недела, а во кој земјата гласаше за излез од блокот, изјавува висок службеник, пренесуваат светските агенции .

-Моето лично мислење е дека тие никогаш нема да ја информираат Европската Унија дека имаат намера да ја напуштат истата- вели високиот дипломат на ЕУ, кој инсистирал да ја задржи својата анонимност.

Земја, што носи одлука за напуштање на Европската Унија, треба официјално да го информира Европскиот совет според член 50 од Лисабонскиот договор, па со тоа ќе го означи почетокот на двегодишниот период за преговори кои претходат на заминувањето.

-Ние сакаме Лондон да го активира членот 50 сега, но со оглед на тоа што не можеме да ги притиснеме, очекувам дека тие нема да брзаат – изјави дипломатот кој додаде дека нема да ја исклучи можноста Британија никогаш да не го направи тоа.

На Британија не и се брза

Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд изјави во Лондон дека Велика Британија ќе се сротивстави на брзото раздвојување со ЕУ.

И Министерот за финанси Џорџ Озборн, кој во кампањата агитираше за останување на земјата во ЕУ, претходно рече дека активирањето на член 50 од Лисабонската спогодба, со кој е уредена постапката за разделување, може да го иницира само Велика Британија, како и дека никој од надвор не може да и го наметне.

-Само Британија може да започне со постапката со член 50. И според мене, треба да го направиме тоа само кога ќе бидеме свесни какви нови договори сакаме да постигнеме со нашите европски соседи – рече Озборн.

Озборн додаде дека за време на преговорите нема да има промена во правото на луѓето да патуваат и работат, како и начинот на кој британските услуги и стоки се тргуваат или начинот на регулирање на британската економија и финансиски систем.

Големи очекувања од Камерон на Европски совет

Британскиот премиер Дејвид Камерон ќе учествува за последен пат во Европскиот совет, оваа недела. Резултатот од референдумот во Британија за нејзино напуштање на Европската унија останува во фокусот на вниманието, дискусиите и политичките потези во европските институции.

Имено, утре ќе започне седницата на Европскиот совет, на која ќе бидат присутни држави и влади на земјите членки на Унијата, со учество на Велика Британија. По дискусијата, премиерот во оставка Дејвид Камерон ќе ја разјасни ситуацијата по референдумот во Велика Британија, по што ќе следи и прва размена на мислења. Во среда, Европскиот совет ќе продолжи без учество на Велика Британија и на нејзиниот премиер да ги дискутира политичките и практичните последици од Брегзит. Ќе се разгледа т.н. “процес на развод”, како што е опишан во чл. 50-ти од Договорот и, се разбира, иднината на Европската унија со 27 земји членки. Голем број европратеници во текот на изминативе денови се изјаснија дека првиот ден од Самитот на ЕУ би бил одличен за Камерон да ја започне постапката за напуштање на Европската Унија.

На Европа не и се чека: Британија веднаш да започне со процесот за излез од ЕУ

Не е потребно Британија да испраќа формално писмо до Европската унија, за да започне 2-годишното одбројување за напуштање на Унијата, изјавија претставници на Европската Унија, алудирајќи дека британскиот премиер Дејвид Камерон може да го започне процесот на средбата со европските лидери планирана за утре.

-Процесот може да започне со писмо до претседателот на Европскиот совет или преку официјално барање на состанокот на Европскиот совет, регистриран во официјалните записи на средбата- изјави портпаролот на Европскиот совет.

Имено и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц побара Велика Британија уште тогаш да поднесе молба за излегување од Европска унија по одлуката на Британците за Брегзит.

Берлин: Велика Британија ќе нема посебни привилегии во ЕУ

Велика Британија не треба да ужива никакви посебни привилегии по преговорите за нејзиното излегување од Европската Унија, изјави Фолкер Каудер, лидер на парламентарната група на германската владејачка Христијанско демократска унија  на канцеларката Ангела Меркел.

-Нема да има подароци за Велика Британија- истакна тој пред медиумите.

Сепак, Каудер призна дека Велика Британија е важен економски и трговски партнер на Германија, особено во автомобилската индустрија, и е многу важно преговорите да гарантираат тие односи да продолжат.

Слично како и Меркел, и Каудер зазеде помека и повоздржана позиција по прашањеето околу тоа дали треба да се брза со Брегзитот, иако, меѓу другото, рече дека нема да е лошо Лондон да го активира член 50 во скоро време.

**Преземено од ТВ Нова

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top