| четврток, 6 декември 2018 |

Се работи на промена на студентскиот статус и на студентскиот стандард

gruevski ums 4Говорејќи за студентите, во своето обраќање пред партискиот подмладок, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски најави дека се работи на проектот промена на студентскиот статус, но и на проектите за подобрување на студентскиот стандард.

– Најдоцна до крајот на овој месец, Министерството за образование ќе ги достави измените на Законот за високото образование до Владата на Република Македонија, со кои, секој студент запишан на некој од државните универзитети во квотата со кофинансирање, врз основа на што плаќал надомест од 400 евра на годишно ниво, доколку по завршена втора студиска година на прв циклус на студии, практично по положувањето на сите дотогашни испити, оствари просечна оценка над 8.5, по автоматизам ќе биде префрлен во државна квота и ќе плаќа за 50% понизок надомест во преостанатиот период на студирање, односно 200 евра на годишно ниво. Се очекува измените да бидат усвоени од страна на Собранието најдоцна до август 2016 година, додека реализацијата на проектот ќе започне во септември 2017 година како и што беше најавено.

Во следните неколку денови ќе биде објавен тендер за избор на фирма за набавка на перални и сушални во сите државни студентски домови, со која ќе биде склучен договор најдоцна во септември 2016 година. Државните студентски домови најдоцна до декември 2016 ќе извршат адаптација на простор за инсталирање на пералните и сушалните.

Кога сме кај студентскиот стандард во тек е реализација на втората фаза од целосната реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, која треба да заврши во 2017 година. Имено, минатата година беше реализирана првата фаза – реконструкција на блок Б за што се инвестираа 90 милиони денари за замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, и комплетно нова опрема во сите соби. Сега во тек е реконструкцијата на блок А. И во оваа фаза, која е 50% реализирана, ќе се инвестираат 90 милиони денари. Потоа следни за реконструкција ќе бидат блоковите В и Г, како и партерот и мензата.

Исто така спроведена е постапка за набавка на нови лифтови во сите државни студентски домови каде има инсталирани и се користат лифтови. Избрана е компанија која согласно потпишаниот договор со министерството вреден 15 милиони денари, веќе започна со достава и монтажа на новите лифтови и во текот на летниот период ќе ја заврши ова обврска.

На крајот, би го спомнал и најважното – одлуката која Владата ја донесе за изградба на три целосно нови студентски домови во земјата, од кои за два, во вредност од 5 милиони евра – еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, се објави тендер за градба и веќе се пристигнати 15тина понуди и во тек е нивна евалуација по што ќе се направи избор на најповолните понудувачи, односно идни изведувачи на градежните работи, по што по завршување на летото, ќе започне нивната градба. За третиот студентски дом, оној кај СЦ Борис Трајковски, следниот месец општината Карпош треба да го усвои дупот, по што ќе почне фазата на проектирање- посочи Груевски на 25-тата годишна конференција на УМС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top