Брегзит се претвори во реалност; 51,8 проценти гласови за излегување од ЕУ по преброени 99,2 проценти од гласовите, веќе е јасно дека опцијата на премиерот на Дејвид Камерон за останување во ЕУ не мина кај гласачите. Излезност од околу 72 проценти најавуваше ваков исход.
За сега се предвидува дека „разводот“ ќе трае најмалку две години. Иако Лондон се надева дека тоа ќе биде лесен процес кој нема многу да ги наруши односите со Брисел, извештаите од центарот на ЕУ велат дека европската администрација се подготвува за процес кој ќе биде доволно страшен за да биде пример и да не дозволи уште некоја држава да помисли на ваков чекор.
А, најави за барања за референдум од десните опции во ЕУ стигнаа од уште утрово од Холандија и од Франција, заедно со честитки за храбриот потег на Британците.
Ова гласање за излегување од ЕУ сега отвори неколку други прашања и тоа не само во односите меѓу Лондон и Брисел, туку и во самото Обединето Кралство, каде се разликува волјата на гласачите во Северна Ирска и Шкотска, каде гласовите за останување во ЕУ значително преовладуваат.
Аналитичарите се дури и изненадени од резултатот во Шкотска каде не така оддамна, во септември 2014 година, расположението за независност беше на доволно високо ниво за да се предизвика референдум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.